Борче Јовчески кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Прилеп
Докторот Борче Јовчески ќе биде кандидат за градоначалник на Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.Неговата кандидатура беше најавена на партиска трибина вечерва во Прилеп, на која присуствуваше и генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски, а останува да биде официјализирана и на седница на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
На социјалните мрежи се огласи и пратеникот Антонио Милошоски, споделувајќи фотографија од Јовчески од партиската трибина во Прилеп со текст: „Д-р Борче Јовчески за Прилеп, многу добро расположение и спремност за работа за доброто на општината и сите прилепчани“.
Јовчески е актуелен советник во Советот на Општина Прилеп, а по професија е специјалист по ортопедија.
Ова е втор кандидат кој го објави ВМРО-ДПМНЕ. Вчера од партијата соопштија и дека на локалните избори во Охрид ќе трчаат со актуелниот пратеник, Кирил Пецаков.Од СДСМ, пак, досега потврдија 30 кандидати. Меѓу потврдените во првата група, не е и кандидатот за Прилеп, за каде досега е познато дека кандидатура до партиските тела поднесе поранешниот министер за транспорт и врски и ексдиректор на Царинската управа, Горан Сугаревски.