Болното племе си пати од умот


ЕРОЛ РИЗАОВ

Агресивното малцинство што го месат пропагандите како аморфно тесто врши непречена тортура над мнозинството граѓани кои по цена на животот, дисциплинирано, во страв и резигнирано ја трпаат оваа тиранија на простаклукот во битките за власт, моќ и пари

 

На трагичен начин новиот налет на пандемијата од корона вирусот повторно ни го покажа грдото лице на заостанатоста, на примитивизмот, на провинционализмот и на грубата партизација на македонското општество. Ги гледаме немоќни и ги плаќаме со животи политичката и медиумска злоупотреба на оваа жална состојба која надвладува над науката, над законите и над здравиот разум.

Партиската припадност и верскиот фанатизам, незнаењето, суетите, себичноста, омразaта, инаетот и делбите се посилни од сите мерки, апели, казни и закони. Агресивното малцинство што го месат пропагандите како аморфно тесто врши непречена тортура над мнозинството граѓани кои по цена на животот, дисциплинирано, во страв и резигнирано ја трпат оваа тиранија на простаклукот во битките за власт, моќ и пари.

Станува банално да се набројуваат постапките кои на очиглед на јавноста се повторуваат секојдневно кога според анкетите околу 200.000 граѓани на Македонија не веруваат дека постои смртоносниот вирус.

Дали нашите новопечени партиски и медиумски експерти за корона статистики можат да пресметаат колкава е опасноста ако стотици илјади граѓани не веруваат дека има епидемија. Ако не можат да пресметаат, нека тргнат од поговорката дека ако еден будала фрли камен во бунар сто умни не можат го извадат.

На овие луѓе залудно е и не е хумано да им се лутиме. Нив општеството ги заборавило и ги оставило да живеат во минатите векови како во прашумите на Амазон. Гревот не е нивен.

Виновниците се тие што го негуваат овој резерват на гласови за изборни победи и за непречено владеење. Ако предизборните кампањи кај нас течат дење ноќе веќе 30 години, зошто би биле грешни луѓето заробени во заостанатост и сиромаштија. Колкав е нивниот грев ако  великодостојниците од црквите и од џамиите им кажат – Господ е со нас, дојдете во божјите храмови, направете ги своите верски обичаи, причестете се од иста лажица, клањајте, одете на заеднички ифтар, вирусот е мртов, дајте ги вашите парични придонеси на црквите и на џамиите.

Колкава е нивната вина ако лажната дозвола од господ, која верата не ја проповеда, а политичарите им кажуваат нагледно со сопствен пример дека можат да не ги почитуваат ниту препораките, ниту ограничувањата на движење. На кого да му веруваат тие луѓе ако намножените генерали по битките преку медиумите секој ден по стопати им кажуваат дека грешките се кај здравствените комисии и во владата. Притоа претпладне кажуваат дека мерките со ограничувања на движењето и собирите во верските храмови, по кафеаните и во парковите  се премногу строги, а попладне кога ќе ги слушнат резултатите на новозаболени авторитетно ламентираат во стилот – Што ви реков јас: мерките не смееше да се олабавуваат.

Се појавија нови естрадни  ѕвезди на македонското небо кои се знаат и за вирусот и за епидемиите и за тестирањата и за лековите и за вакцините и за мерките. Врие на интернет, но и во националните медиуми од теории на заговори, на лаги и дезинформации.

Стотици спротивставени ставови, дури и на епидемиолози и лекари, а де не зборуваме за разни шарлатани, добиваат вчудоневидувачка гласност и се пласираат со прогресивно умножување преку медиумите и преку социјалните мрежи кои не се ништо друго туку тешка политичка предизборна злоупотреба со трагични последици.

Трагикомична е зачестената споредба со земјите од регионот и особено со Словенија. Демек, еве, и тоа е земја со околу два милиона жители која применува исти мерки, а поуспешно се справува со пандемијата. Таму се извршени двојно повеќе тестирања и има двојно помалку заболени и „само“ над 100 починати. Но, не ги кажуваат податоците колку луѓе има во Словенија кои не ги почитуваат мерките и препораките на здравствените власти, има ли таму граѓани кои не веруваат дека постои вирусот, дали се дотаму ортодоксни верниците да одат во црквите и џамиите и покрај забраните.

Ни велат нашите тазе експерти да донесеме здравствена комисија од Словенија. Убаво, само ќе треба да донесеме и уште и два милиони Словенци кои ќе ги почитуваат мерките. Други авторитети ни велат да бидеме Швеѓани за да се спасиме. Кога од балканци ќе направиме Швеѓани ќе почне населувањето на нова планета во вселената. Патем, и во Шведска има над 40.000 заболени и над 4.500 починати. Ама тоа било подобар резултат мерено на милион жители. Иако не е така – во Шведска има 460 починати на еден милион жители.

Како стар циник во новинарството во споредба со корона вирусот во Бугарија можам како најнов доказ да го изнесам фактот дека не сме Бугари. Да бевме исти народ ќе имавме помалку заболени и починати. Дали нивните бугарски политичари и кандидати за шпицен премиери во Бугарија и во целиот регион, кој сега, наместо Запад, ни стана омилен за споредби, флагрантно ги кршат законите и препораките и од кафеана ги диктираат пораките да се смени здравствената комисија како најголем виновник за отворените врати на вирусот.

Дали и таму ја забележуваме злорадоста за вестите од поголемиот број заболени и починати како кај нас. Го има ли и кај нив ова наше викање и врескање на водителите на вестите кога ѝ соопштуваат на јавноста колку има новозаболени денес како да се работи за олимписки рекорди. Дали и нивните министри и заменици-министри не потпишуваат поволен кредит на Светска банка за вложување во здравството како кај нас. Дали и кај нив инспекторите стојат два часа пред заклучени врати додека руча партискиот лидер, кој знае сѐ што треба да направи владата, а не ги знае протоколите за заштита од зараза. И згора како голем јунак арогантно изјавува – ќе ја платам казната. Бре, бре, бре ќе ја плател казната. Ваков херој не би можел политички да преживее ни 24 часа кај комшиите, ниту на целиот Балкан.

Дефинитивно племето ни е болно, оти си патиме од умот многу од поодамна пред корона вирусот. И по Коле Чашуле и по Војдан Чернодрински и по родот свој.