Богојески бара да ја известиме ЕУ дека без датум – нема да има ни Северна Македонија


Петар Богојески (Фото: Б. Грданоски)
Петар Богојески од Македонски концепт, со оглед на очекувањата дека и во јуни нема да има датум за почнување на преговорите со Македонија, побара владата да го извести Брисел дека, ако и на следниот самит опстои бугарското вето, таа ќе престане да го употребува името Северна Македонија  внатре во земјата. Ваквата обврска, според член 1, став 10 од Договорот од Преспа важи откако земјата ќе ги почне преговорите за членство со Унијата.  Во договорот имено стои: 
 
“10. Што се однесува на валидноста на веќе постојните документи и материјали издадени од органите на Втората страна, страните се согласија дека ќе има два транзициски периоди, еден „технички“ и еден „политички“:
 
а) „техничкиот“ транзициски период ќе се однесува на сите официјални документи и материјали од јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и на оние за внатрешна употреба што може да се употребуваат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во членот 1 (3) од овој Договор, најдоцна во рок од пет години по стапувањето на договорот во сила.
 
б) „политичкиот“ транзициски период ќе се однесува на сите документи и материјали исклучиво за внатрешна употреба на Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали што се опфатени со оваа категорија во согласност со Членот 1 (3) ќе почне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.”
 
Поради ваквите одредби, Богојески бара Владата да ја извести ЕУ дека, доколку најкасно до 30.6.2022 година не започнеме преговори за членство, ќе престане да ја употребува “Северна” за внатрешна употреба. Потоа, да донесе акционен план за бришење на “Северна” од внатрешна употреба во Македонија, со краен рок до 30.8.2022 година. Исто така, ОЈО да отвори истрага за причините и мотивите за злоупотреба на Преспански договор со негова предвремена имплементација во земјава, со што, според него, се нанесени ненадоместливи штети по државноста на Македонија.
 
Преспанскиот договор мора да се почитува! Од сите страни, без исклучок, вклучително и од гарантката ЕУ“, реагира Богојески.