Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска престојува во работна посета на Црна Гора, каде учествува на министерската конференција посветена на поврзаност на земјите од Западен Балкан, а во организација на Секретаријатот на транспортната заедница и ЦЕФТА.
Во рамки на Конференцијата, министерот Бочварски го потпиша Анексот на Одлуката на Европската комисија – „Разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Република Северна Македонија“, со кој Коридорот 8 станува дел од мапата на главни коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија.
Министерот Бочварски обраќајќи се пред присутните ја истакна важноста од регионалната поврзаност, со посебен акцент на патниот и железнички Коридор 8 и проектите што се реализираат на истиот.
„Денеска ја потпишав Спогодбата помеѓу Северна Македонија и Европската Унија за впишување на овој многу значаен Коридор на оската исток – запад во мапата на главните европски коридори. Оттука наша е обврската да продолжиме со изградбата на патниот и железничкиот Коридор 8, да го доведеме до ниво на модерна, квалитетна и безбедна патна врска, со што и на дело ќе покажеме дека овие политики не се политики само за на хартија, туку политики кои ги реализираме на терен. За Република Северна Македонија ова е стратешки важна одлука на Европската Унија со што веќе сме позиционирани централно како крстосница во регионот на два главни европски коридори, на Коридорите 8 и 10“, изјави министерот Бочварски.
„Развојот на Коридор 8 долж оската исток – запад е неопходен економски и политички инструмент кој на регионот ќе му помогне да ја подобри регионалната поврзаност и стабилност“, додаде министерот Бочварски.
Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи (ТЕН-Т) е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство.
Со геостратешката положба на Република Северна Македонија и фактот дека Коридорите 8 и 10 се дел од главната транспортна мрежа, стануваме неизбежна транспортна рута не само во регионот, туку и пошироко.
Целта на транспортната политика на Северна Македонија се Коридорите 8 и 10 како дел од основната мрежа до 2030 година односно до 2040 година за проширената главна мрежа да бидат изградени по ТЕН-Т ЕУ стандардите.
На Конференцијата, покрај министерот Бочварски, присуствуваа и министри за транспорт и инфраструктура на земјите од регионот, како и претставници на Транспортната заедница и Европската комисија.
Самит за поврзување на ЦЕФТА-ТЦТ во Будва: Ефикасниот транспорт на луѓе и стоки овозможува трговски и економски раст
Ефикасниот транспорт на луѓе и стоки обезбедува пристап до работни места и услуги и овозможува трговски и економски раст на економиите. Ова беше клучната порака на Самитот за поврзување, организиран од Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница и Секретаријатот на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), под покровителство на Министерството за капитални инвестиции на Црна Гора.
Како што информираат организаторите, на Самитот учествуваа министрите за транспорт, царинските директори, меѓународните финансиски институции и други високи претставници, експерти и чинители од Западен Балкан со цел да разговараат и постигнат договори за придвижување на прашањата поврзани со одржлива и ефикасна трговија, транспорт и логистика.
– Самитот за поврзување се фокусира на инвестициите во транспортната инфраструктура и реформите на политиките кои ќе ја олеснат транзицијата кон поефикасна мобилност во Западен Балкан во согласност со стратешките документи на Транспортната заедница, рече директорот на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек.
Тој посочи дека активностите насочени кон главните патни и железнички гранични премини на индикативното проширување на мрежата TEN-T во Западен Балкан, вклучително и со соседните земји-членки на ЕУ, ќе ги решат неефикасноста и доцнењето на тие точки и ќе ги модернизираат операциите.
– Транспортната заедница работи со своите партнери на подобрување на интеракциите на различните начини на транспорт долж мрежата за да обезбеди подобар, поефикасен и поевтин логистички синџир, истакна Закоњшек.
Нагласувајќи ја важноста на иницијативата Зелени ленти, директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА Емир Џикиќ ја потенцираше ефикасноста на темата којашто е избрана за овогодинешниот Самит што се однесува на зајакнување на врските меѓу ЦЕФТА и ЕУ во транспортот и трговијата.
– Зелените ленти се многу повеќе од поедноставен транспорт на стоки, тие се механизам за континуирана поддршка на нашите бизниси, преку воведување дигитализирани услуги и систематска размена на електронски податоци (SEED+), кои нè доближуваат до трговија без хартија. Тоа е и концепт на засилена соработка со ЕУ. Европската комисија е посветена на целосна имплементација на Зелените ленти и блиска координација за други царински и гранични прашања, што уште еднаш потврдува дека ЦЕФТА страните се сигурни партнери, посочи Џикиќ.
Според соопштението, договорот за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа (TEN-T) во Западен Балкан беше потпишан од договорните страни на ЕУ и Договорот за транспортна заедница.
Воспоставувањето на новиот коридор Западен Балкан-Источен Медитеран има за цел да ја зајакне економската, социјалната и територијалната кохезија на регионот и да креира непрекинат транспортен систем преку граници, без физички прекини, тесни грла или неповрзани делници. Со заедничката декларација „Проширување на Зелените ленти“, ЦЕФТА-ТЦТ се обврзуваат дополнително да го олеснат транспортот и трговијата со цел да се намали времето на чекање и да се подобри ефикасноста на логистичките и вредносни синџири на ЕУ. Тоа ќе им даде дополнителен поттик на сите релевантни органи да работат на целосно проширување на Зелените ленти и воспоставување едношалтерски и синхронизирани гранични контроли.