Бочварски и Баздникин разговараа за гасификацијата и директно авионско поврзување со Русија


Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска се сретна со амбасадорот на Руската Федерација во Северна Македонија Сергеј Баздникин со кого разговарале за повеќе тековни капитални проекти во државава, со посебен акцент за гасификацијата преку изградба на магистралните гасоводи. Станоло збор и за можноста за воведување директни авионски линии меѓу двете земји.

Mинистерот Бочварски го информирал aмбасадорот Баздникин за инфраструктураните проекти што се реализираат во државава, како и за планираните проекти за изградба и модернизација на Коридорот 8 и Коридорот 10 и 10 д.

-Оваа средба беше одлична можност да го запознаам амбасадорот со крупните капитални проекти што ги реализираме во нашата држава. Посебен фокус ставивме на изградбата и модернизацијата на патната мрежа на Коридор 8 и 10, железничкото поврзување кон Бугарија, како и изградбата на магистралниот гасовод во земјата. На средбата разговаравме и за можноста за воведување на директни авионски линии меѓу двете земји, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

 

Како што соопшти Министерството за транспорт и врски, на средбата се разменети мислења и искуства на двете земји во однос на справување со економските предизвици во услови на Ковид кризата.

Министерот изразил благодарност за досегашната соработка на Република Северна Македонија со Руската Федерација и ја нагласил потребата од одржување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.