Близу 5.000 не добиле поврат од „МојДДВ“ – УЈП повикува да ја ажурираат трансакциската


Над 917 милиони денари им се вратени на граѓаните преку мерката „МојДДВ“ за скенирани фискални сметки во последното тримесечје од 2025 година. Од Управата за јавни приходи информираат дека средствата веќе се исплатени на повеќе од половина милион корисници, но дел од граѓаните сè уште не можат да го добијат својот поврат поради неточни податоци.

Според официјалните податоци на УЈП, за четвртиот квартал од 2025 година на трансакциските сметки на 521.263 корисници на апликацијата „МојДДВ“ исплатени се вкупно 917.518.916 денари по основ на поврат на данокот на додадена вредност.

Сепак, институцијата посочува дека кај дел од корисниците исплатата во моментов е оневозможена поради технички пречки поврзани со внесени податоци. Имено, дури 4.966 корисници кои скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што средствата не можат да бидат префрлени.

Од Управата упатуваат јавен апел до сите граѓани кои сè уште немаат добиено поврат на ДДВ да ги проверат и ажурираат своите банкарски податоци.

„Ги повикуваме корисниците да ги проверат и коригираат податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата ‘МојДДВ’. Со точни податоци, УЈП ќе може успешно да ја реализира исплатата на средствата“, информираат од институцијата.

Мерката „МојДДВ“ продолжува да биде една од најкористените дигитални алатки за враќање на дел од платениот данок кај граѓаните, а од УЈП нагласуваат дека навременото ажурирање на личните податоци е клучно за непречена исплата на средствата.