Близок пријател кажал дека Чавков планира да бега на Халкидики


Решението за одредување на мерка притвор за поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, се базира на службена белешка од сознанија добиени од негов пријател. Според оперативните сознанија на Бирото за јавна безбедност, Чавков има вила на Халкидики каде планирал да избега пред да му биде изречена пресудата за 27 април.
„По остварена средба со близок пријател, подносителот на службената белешка добил информација дека обвинетиот во случајот за „27 април“, Митко Чавков, поседува вила на Халкидики Р. Грција, каде истиот планира, пред да биде изречена пресудата во петок (15.03.2019 година), да ја напушти државата, односно да се даде во бегство, при што се напоменува дека пријателската врска е во многу блиски релации со семејството на обвинетиот“, стои во решението на судот со кое се уважува барањето на Основното јавно обвинителство да биде определена мерка притвор.
Чавков беше приведен вчера и однесен во Истражниот затвор во Шутка. Како обвинет за настаните од 27 април му се заканува затворска казна од 10 години до доживотен затвор.
Пресудата треба да биде изречена во петок.