Блинкен ќе дојде во Скопје, Лавров на листа за чекање


 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека нема никакви индиции дека шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен нема да дојде на Министерскиот совет на ОБСЕ што при крајот на месецов ќе се одржи во Скопје, а почната е и процедурата за доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чија земја подлежи на санкции од ЕУ по војната со Украина.

„Во санкциите се вели дека за меѓународни организации како што е ОБСЕ е дозволен прелет. Сепак, одлуката е на земјите членки. Затоа нашите соседи ќе треба да одлучат, а и ние за нашиот воздушен простор“, рече вечерва Османи во интервјуто на „360 степени“ на МРТ, прашан за доаѓањето на шефот на руската дипломатија Лавров.

Прашан дали е можно доколку дојде Лавров, да не присуствува украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, шефот на македонската дипломатија и актуелен претседавач со ОБСЕ се надева дека тоа нема да се случи.

„Затоа пред две – три недели отидов во Киев, да обезбедам присуство и на Кулеба. Се уште сме во разговори. Јас мислам дека како што во Виена имаме состанок секој вторник, така треба да биде и во Скопје“, рече Османи.

Додаде дека според информациите што ги има, на состанокот во Скопје се очекува да дојдат и министрите за надворешни работи на Канада, Велика Британија, на земји членки на НАТО, ЕУ, како и централна Азија. Според Османи, ќе дојде и заменик-министерот на Тајланд кој ќе биде прв официјален претставник од оваа земја што дошол во Северна Македонија од независноста.

На Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје се очекува присуство на 76 делегации од кои 57 се од земјите членки на ОБСЕ и 11 од партнерските земји од медитеранската и азиската група. Букирани се пет хотели каде треба да се сместат овие делегации. Самитот, ќе почне со неформална вечера, која како што рече Османи, ќе се одржи на 29. овој месец.

Според Османи, подготовките се одвиваат согласно зацртаната динамика и се работи согласно т.н. Водич на ОБСЕ во кој се утврдени и најситните детали за организирање на вакви настани.

Досега, како што посочи, потрошени се три милиони евра во делот на набавките, иако првично биле предвидени пет милиони евра.

Во однос на информациите во јавноста околу изборот на компанијата „Евровиа“ која е ангажирана за реконструкцијата на салата „Борис Трајковски“ каде ќе се одржува Министерскиот совет и околу изборот на рентакар компанијата, Османи вели дека опозициски шпекулации се контроверзиите околу јавните набавки.

За „Евровиа“ вели дека критериум била најниската цена, а изборот го направила Комисија која не ја интересира дали компанијата е спонзор на ДУИ или не, додека во однос на изнајмувањето на возила за претстојниот Министерски совет во вкупен износ на рамковната спогодба од речиси еден милион евра, вели дека само една фирма се пријавила на тендерот и оти не знае дали позадински имало договарање меѓу компаниите.

„Очекувавме дека ќе има четири-пет понуди и на крај ги отвораат понудите – излезе една. Не е мое да испитувам дали тие го поделиле пазарот, дали се договараат меѓу себе за да не си конкурираат еден на друг – тоа не е работа на Министерството. Ние отвораме понуди, таа што е најповолна, ја потпишувам“, вели Османи.

Во однос на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, оценката на шефот на македонската дипломатија е дека вкупниот напредок на Северна Македонија не е загрозен.

Османи смета дека Владата била (само)критична и оти е јасна констатацијата дека во одредени области има лимитиран прогрес или нема прогес. Но, повторува – вкупната подготвеност на државата не е загрозена.

„Прво, во вкупниот напредок не се загрозуваме, ние сме меѓу првите во регионот. Второ, во ниту едно поглавје немаме назадување. Трето, ова е извештај за годината, за овие 365 дена, којашто беше кризна година, година во којашто имавме најтешка поларизација во општеството, парламентот беше блокиран, лидерот на опозицијата секоја недела најавуваше друг термин за избори. Знаете што значи тоа во психолошката матрица на администрацијата, на луѓето, кога вие излегувате и кажувате во октомври имаме избори, во ноември имаме избори, во јануари имаме избори… Потоа, прашањето со уставните измени, односно со Бугарија, монструозната злоупотреба на емоциите на граѓаните во однос на важни национални прашања од страна на опозицијата, тоа е во делот на вината на опозицијата. Владата – каде јас кажувам дека има вина, во тоа што не успеа да се дигне над оваа кризна ситуација којашто ја наметна опозицијата и едноставно да си продолжи да работи“, кажа Османи.

На новинарска констатација дека Извештајот ја сведува владината проевропска ориентција на реторика, Османи врати – не е така.

„Прво, во 80 отсто од секторите во Извештајот – има напредок. Значи, од можеби 100 сектори, во 5, 6, 7 вели нема напредок. Притоа, без поглавја, тоа е плафонот. Доколку немаме ние отворање на поглавја, ќе удираме во овој плафон постојано и полека ќе почне плафонот да се спушта“.

На забелешката дека тоа не го мисли амбасадорот на Холандија кој  цело време вели – вие велите нас не чекате, а јас ви велам  ние вас ве чекаме, 15 години не го правите тоа што треба да го правите, освен што трупате изговори, Османи одговори:

„Не, видете, делумно не се согласувам со амбасадорот, не е ситуацијата црно-бела, ситуацијата е некаде сива. Во 2019  не по наша вина бевме блокирани да немаме одлука за преговори, ни по еден основ немаше наша вина, па и понатаму или пак претходно. Вината ни е заедничка, и на Европската Унија, системот е таков – едногласен, земјите членки го злоупотребуваат правото на глас и го блокираат процесот, како што сега се случува во односот Албанија – Грција“.

Околу ставот на ЕК дека има злоупотреба на европското знаменце при носење закони, околу критиките за Кривичниот законик и политилките влијанија во Судскиот совет, како и оценката дека е најкритичен извештај од 2-15 година, Османи оцени дека извештајот на ЕК од 2015 г. има уназадување и заробена држава, додека тука има период од една година во која немало прогрес.

„Повторно ќе кажам, не е црно-бела ситуацијата и во Судскиот совет не можете да ја обвините Владата за одредени динамики или во судството во целина. Има многу динамики внатре во судството коишто бараат адресирање. Но, без отворени поглавја – толку ни е просторот. Тој плафон во кој удираме, ќе почне да се спушта.

За Кривичниот законик јас дури мислам дека претходното решение беше причина за неуспешната борба против корупцијата на високо ниво и за недовербата на граѓаните во судството. Токму тоа решение во коешто имаше неограничена можност судиите да ги развлечат предметите дваесет години и како е она – ‘бригата да премине на другиот’, се одложуваа, се држеа во фиока. Што не беше доволно 10 години за да се решат одредени прашања, па сега велиме застареа некои дела“, рече Османи.