„Блгаринот“ Љупчо Георгиевски по судењето во Битола кажа дека е „горд ванчомихајловист“

Поранешниот претседател на згаснатиот клуб „Иван Михајлов“ призна дека лично објавувал текстови со кои се негира посебноста на македонската нација


Љупчо Георгиевски и неговиот адвокат Насер рауфи излегуваат од судот во Битола (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – „Блгарин“.

Вака Љупчо Георгиевски, екс-претседателот на сега згаснатиот бугарски клуб во Битола „Иван Михајлов“, се претстави во судот во Битола, како обвинет за две кривични дела поврзани со промоција на ликот и делото на контроверзниот лидер на историското ВМРО, Ванчо Михајлов. 

Според обвинителката Оливера Нечаковска, по денешното рочиште се потврдила основаноста на обвинението затоа што обвинетиот сам признал дека лично објавувал текстови со кои се негира посебноста на македонската нација и дека тие објави поттикнале коментари и закани, па дури и палење на клубот, што сѐ е елемент на  кривичното дело.

Поради честите одлагања во време подолго од 90 дена, денеска во Основниот суд во Битола одново почна судењето за Георгиевски, кому му се суди за делата предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем, па на ЦД во судницата се гледаа постовите што обвинетиот ги објавувал на Фејсбук страната на клубот, како и коментарите предизвикани од нивната содржина.

На прашање на судот, Георгиевски пак повтори дека не се чувствува виновен и дека преку клубот „Иван Михајлов“ спроведувале културни, историски активности поврзани со историјата на бугарскиот народ во Северна Македонија, како и активности за зближување на народите од двете страни на границата. Потоа, промоција на книги и  изложби.

„Се чувствувам горд што сум ванчомихајловист, и ова е последниот монтиран судски случај против ‘Блгарите’ во Македонија, се надеваме дека ова ќе заврши и ќе можеме да си ги оствариме нашите права со сите останати народи во Македонија“, рече Георгиевски по судењето.

Во жестока расправија во судницата се впуштија обвинителката Оливера Нечаковска, и адвокатот на обвинетиот Насер Рауфи, кој постојано реагираше на прашањата на обвинителката кон обвинетиот, дека наводно се директни и предизвикуваат притисок.

Судијата Цветанка Никодиновска ги опомена да не ја нарушуваат работата на Судот оти ќе бидат казнети, а за прв пат се снимаше рочиштето. 

Нечаковска го праша обвинетиот дали на влезот во клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола е врамен цитат од Иван Михајлов (инаку текст напишан на 2 август 1983 година во Рим, по повод 90 години од формирањето на ВМРО и 80 години од Илинденското востание), каде ја негира македонската нација.

„Значи, залудни се напорите на маскираната (измислена) македонска ‘нација’ да го лаже светот. Вистината ќе победи. Ваш Иван Михајлов“, пишува на табла во внатрешноста на клубот ‘Иван Михајлов’, прочита обвинителката и дополни:  

„На 02.11.2022 година обвинетиот како администратор, како реакција на отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, на бугарски јазик објавил текст од Иван (Ванчо) Михајлов напишан во Италија на 11.03.1990 година во кој меѓу другото стои македонската нација и македонскиот јазик не постојат. Тие се измислица на фантазии како српската за да се користат како аргументи пред луѓе кои не го знаат ни минатото ни сегашноста… Денешната таканаречена Република Македонија во себе содржи бројни неправа и фалсификати“, запраша обвинителката, на што Георгиевски призна дека ги објавил, заедно со други постови.  

Но, по ваквите прашања Рауфи почна да приговара дека прашањата се директни, дека испрашувањето не може да почне со зборот – „дали“, па бараше други формулации, на што обвинителката Нечаковска пред судијката кажа: „Ако му е страв од поставување прашање до утре ќе седиме во судница“.

Најпосле Георгиевски кажа дека внатре во клубот е поставен ваков цитат од Ванчо Михајлов.

На прашање на обвинителката тој потврди и дека бил администратор на Фејсбук страната на  клубот, а потврди и дека биле постирани низа текстови поврзани со постоењето на македонската нација и јазик, но дека текстовите не биле негови лично, туку цитати од историски личности.

„Во 1945 година започна создавањето на Народна Република Македонија под партизанско движење, имаше и други сили кои сакаа да ја видат независна и обединета Македонија“, рече Георгиевски.

На ова обвинителката Нечаковска му возврати дека на судењето „не бараат политичка пропаганда“ . За адвокатот Рауфи и ова беше „притисок“ врз обвинетиот.

Цитат од Ванчо Михајлов на пано во клубот, во кој се тврди дека не постои македонска нација

Инаку, Георгиевски негираше оти знаел дека квартот на улица „Рузвелтова“ во Битола каде беше лоциран клубот „Ванчо Михајлов“ е еврејско маало, дека во поранешниот Пионерски дом, некоја куќа подолу од клубот, своевремено било сместено здружение на млади Евреи. Ниту пак знаел дека саботата на 16 април 2022 година, кога свечено се отвори клубот „Иван Михајлов“ во Битола било празник на Евреите  – Пасха.

„За нас тој 16 април 2022 година, беше еден културен настан… поврзан со значаен празник за мојот народ“, рече Георгиевски. Тука се вмеша адвокатот Насер Рауфи, па го поправи –„Мислите на бугарскиот народ?“.

Запрашан дали се чувствува како ксенофоб, Георгиевски рече дека не мрази странци, само си го сака својот народ и својата држава. Како и тоа дека со објавите на Фејсбук сакал да поттикне дебата меѓу граѓаните. Рече дека ги бришел коментарите со навредлива содржина, коментари за линч кон него што довело до палење на клубот. На ова обвинителката Нечаковска констатира: „Значи, имало коментари кои можело да ги нарушат односите меѓу македонскиот и бугарскиот народ? Навредливи.“

Инаку судот му дозволи на обвинетиот како сведок во неговата одбрана да сведочи поранешниот премиер на Македонија, Љупчо Георгиевски. Следното рочиште со завршни зборови е закажано за 27 март.