Блер и Рама во Косово по повод 25-годишнината од крајот на бомбардирањата на НАТО против Србија
Поранешниот британски премиер, Тони Блер и албанскиот премиер, Еди Рама ќе престојуваат денеска во Косово, по повод одбележувањето на 25-та годишнина од крајот на косовско-српскиот конфликт, односно престанокот на бомбардирањето на НАТО против Србија и тогашна СР Југославија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Блер и Рама претпладнево одделно ќе бидат примени од претседателката на Косово, а подоцна, во 10 часот, поранешниот британски премиер ќе се обрати на пратениците на Собранието на Косово, на свечената седница по повод Денот на ослободувањето.
Поранешниот британски премиер, кој одигра една од водечките улоги за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, што резултира со протерување на српските сили и подоцна со прогласување на косовската независност, во Косово се смета за голем пријател на Албанците. По обраќањето на собраниската седница, Блер ќе биде примен од премиерот Албин Курти, а подоцна и од градоначалникот на Приштина, Прпарим Рама, при што ќе му биде врачен „Клучот на градот“ и ќе го добие одликувањето почесен граѓанин на главниот град на Косово.
„Клучот на градот“ попладнево ќе му биде врачен и на премиерот на Албанија Еди Рама на средбата со градоначалникот на косовската престолнина.
Рама во Приштина ќе учествува на панелот на првата меѓународна конференција „Ругова и Западот“, организирана од Фондацијата Ибрахим Ругова и Демократскиот сојуз на Косово, чиј основач и лидер беше првиот претседател на независно Косово, Ругова.