Битолското обвинителство влезе во домот на Сашо Дранго

Заменик-директорот на „Македонијапат“ оваа недела ќе биде повикан на распит во обвинителството


Сашо Дранго со убиената мечка

 

БИТОЛА – Битолското обвинителство направило претрес во домот на Сашо Дранго, заменик- директорот на „Македонијапат“, по истрагата за фотографијата со отепаната мечка. Оваа недела Дранго ќе биде повикан на распит во обвинителството да ја каже намерата за објавата на фотографија со оружје в рака и со мртвата мечка.

Што е најдено при претресот кај Дранго во Демир Хисар засега не се знае. Според податоците од претходно на СВР Битола, тој уште од 2018 останал без дозвола за поседување оружје. Прашање е чија е пушката со снјаперски нишан, која Дранго ја држи в рака на спорната фотографија, и дали нашле оружје во неговиот дом по нецели два месеци од инцидентот.

„ОЈО Битола во континуитет од оформувањето на предметот презема дејствија со цел обезбедување докази. Во таа насока издаде повеќе наредби до МВР од кои по дел сѐ уште се постапува. Пријавениот треба да даде исказ во обвинителството во текот на оваа недела, кај него по барање на јавен обвинител и врз основа на судска наредба беше извршен и претрес. Обвинителството проценува врз основа на доказите со кои располага надлежниот обвинител во која фаза од постапката се врши распит на пријавено лице во секој предмет поединечно“, изјавија од ОЈО Битола за „Независен“.

Денеска политичката партија Левица соопшти дека поднесла кривична пријава против заменик-директорот на „Македонијапат“, Сашо Дранго, поради сторено кривично дело незаконит лов, казниво по член 238 ст. (4) од Кривичниот законик.

„Пријавениот во декември 2024 год., додека бил на лов, иако како ловец знаел или требало да знае дека согласно Законот за дивечот и ловството трајно е забранет ловот над мечките кои се класифицирани како дивеч под заштита и чиешто ловење е дозволено само со дозвола на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во исклучителни случаи, а за време на кривичниот настан Министерството нема издадено таква дозвола, но и покрај тоа уловил редок дивеч-мечка и воедно со истиот улов се фотографирал во знак на ‘триумф’“, соопштија од Левица. 

Од партијата бараат тој да биде разрешен од функцијата. Па велат: „Иако и премиерот Мицкоски изјави дека не верува во верзијата која Сашо Дранго ја пласираше во јавноста, сепак пријавениот и понатаму врши јавна функција, со очигледно нарушен кредибилитет и углед во јавноста. Додека новата влада постојано ветува дека никој не смее да биде над законот, очигледно тоа не важи за кадрите на ДПМНЕ; кои ‘гордо’ се сликаат при флагрантно вршење на кривично дело“. 

Левица повикува ОЈО Битола да каже до каде е постапката, дали ќе има обвинителен акт против Сашо Дранго.

Инаку, на крајот на јануари премиерот Христијан Мицкоски кажа дека не верува во приказната на Дранго за убиената мечка

„Не сум убеден во точноста на неговата верзија дека случајно нашол отепана мечка на пат, но мораме да најдеме начин, односно ние мораме да ги запазиме процедурите за да дојдеме до решение, а рековме има истрага. Таа истрага ќе се заврши. Доколку, а не сум убеден, повторно ќе кажам, дека тоа што го кажува е така, дека мечката ја нашле на пат и дека сето тоа така се завршило, доколку истрагата констатира и го потврди ова во што не сум убеден, се разбира дека неговиот в.д. мандат нема да биде продолжен“, рече Мицкоски во интервју за „360 степени“. (А.Б.)