Битолските печалбари со бугарски пасоши се вратија во Европа без да извадат нов со „Северна“


Пунктот за поднесување документи и издавање пасоши во Битола на 15 јануари (Фото: А. Блажевска)

 

БИТОЛА – На студот надвор и во долги редици битолчани чекаат да извадат пасош со новото име на државата. Сликата од пред Нова година се прелева и во новата година, па бидејќи во еден ред се чека и за аплицирање на пасоши и други лични документи, како и за подигање на патните исправи гужвата е неизбежна. Така беше и денеска пред СВР Битола.

„Нервозата е голема. Чекаме на студот по неколку часа, ако не успееме се враќаме пак следниот ден и така. Тешко се стига на ред, службата нема доволно  ресурси. Внатре да влезеш е потопло, ама и таму се чека до 40 минути“, вели битолчанец денеска.

Битолчани кои работат во европските држави, а кои за празниците дојдоа во Битола велат дека добар дел од нив не успеале да извадат пасош, па назад се вратиле со бугарскиот пасош.

„Мажот ми си замина за Шведска, не успеа да извади нов пасош, доаѓаше пред Божик три дена, чекаше со саати на студот, ама се разболе и се откаже. Сега кога ќе дојде за Велигден, тогаш ќе вади. Јас останав и ќе пробам да го добијам пасошот, па ќе заминам. Многу од неговите колеги кои возат низ Европа заминаа со бугарските пасоши. Имаа навика со македонскиот пасош да влезат и излезат од Македонија, а со бугарскиот да направат влез и излез од Шведска, ама сега ќе ги користат само бугарските пасоши“, вели битолчанка. Таа додава дека има револт кај битолчани кои работат во странство трошоците за новите патни исправи да паѓаат на грбот на граѓаните.

И наши кои живеат во Србија дошле за празниците да вадат македонски пасоши. Повозрасните не успеале да издржат на студот во редиците.

„Тетка ми дојде со семејството од Вршац да вадат пасоши, ама многу студеше во сабота, а редот беше долг и си заминаа. Ќе дојде пак, само трошоци се бројот“, вели битолчанец. (А.Б.)