Битолскиот бизнисмен Игор Божиновски именуван за почесен конзул на Австрија


Игор Божиновски

 

БИТОЛА – Битолскиот бинисмен Игор Божиновски, сопственик на „Божиновски часовници и накит“, на свеченоста по повод прославата на Националниот ден на Австрија беше именуван за почесен конзул на Австрија во Македонија.

Битола, традиционално е препознаена како град на конзулите, но конзулати има сѐ помалку. Во градот останаа  неколкумина почесни конзули иако претходната деценија таа бројка изнесуваше околу 15 почесни дипломатски претставништва и два генерални конзулати на Грција и Бугарија.

„Именувањето е признание за професионален кредибилитет: прецизност, интегритет и долгорочна доверба. Тоа се вредности што Австрија јасно ги препознава и споделува. Очекувањата од функцијата на почесен конзул се насочени кон продлабочување на врските меѓу Македонија и Австрија во културата, бизнисот и едукацијата“, објавија од прес-службата на почесниот конзул Божиновски. 

Првиот почесен конзулат на Австрија во Битола беше отворен во 2015 година, но подоцна згасна, за сега пак да се возобнови. 

Претставата за конзулска Битола се потпира на почесните конзули на Франција – Калиопа Кривашија-Стилиновиќ, на Црна Гора, Милорад Андријашевиќ, на Романија, Мамкис Александру, и на Босна и Херцеговина, Билјана Дамјановска-Јанчевска.

Во изминатиот период затворени беа близу десетина почесни конзулати во Битола, по различни основи, како конзулатот на Велика Британија, Словенија, Хрватска, Србија, Русија, Украина, Унгарија…

Српскиот конзулат се затвори откако почина почесниот конзул бизнименот Силјан Мицковски, и наместо да се возобнови во Битола, Србија лани во октомври отвори почесен конзулат во Куманово. (А.Б)