Битолски Драгор носи сѐ пред себе


Обилните врнежи предизвикаа будење на водотеците на Пелистер

БИТОЛА – Алармантна е ситуацијата кај пумпната станица на ЈКП „Водовод“ од надојдените води на реката Драгор кои носат сѐ пред себе. Директорот на „Водовод“ Битола, Горан Козаров, вели дека се покажало оти потпорниот ѕид изграден неодамна бил направен во вистинско време за да не дојде до поплави.

Ноќеска во Битола наврнаа 17 литри на м2, а врнежите  предизвикаа будење на водотеците на Пелистер кои наместа создадоа пробеми. Екипите на сите битолски јавни претпријатија, заедно со нивните раководители, од утринава се на терен и интервенирираат со своја механизација и работна рака. Еден од поголемите проблеми, кој веќе е саниран, се создаде на одводниот канал, кој се излеа над населбата Ремо. Пречките се отстранети и веќе нема прелевање.

„Голем проблем има на дел од реката Драгор, кај пумпната станица на ‘Водовод’. Поради силниот налет на вода откинат е еден дел од брегот. За среќа голема помош во заштитата на оваа локација има новоизградениот заштитен ѕид кај пумпната станица на ‘Водовод’. Во моментов екипите на јавните претпријатија работат на санирање на последиците и затрупување со песок на откинатиот дел. Поплави има и во Породин, а таму се испратени екипи со механизација на ЈП ‘Стрежево’“, рече при увидот на терен градоначалничката Наташа Петровска, која е и претседател на Општинскиот кризен штаб.

Екипите на битолските јавни претпријатија, по јавувања од граѓани, интервенирале и во домови, каде биле поплавени подрумски простории.

Од акумулацијата „Стрежево“ велат дека  се подготвени да ги прифатат водите од врнежите кои го зафатија регионот деновиве. Дневниот доток во акумулацијата изнесува околу 1,5 милион метри кубни вода или околу 15 m3/sec. Водите се зафаќаат од водотеците на Баба Планина преку собирниот канал и се внесуваат во сливот на река Шемница.

Коритото на Драгор во Битола од многу одамна не било толку полно со надојдени води (Фото: Јованчо Пејчиновски/Фејсбук)

„Дежурните екипи со опрема и ресурси се активни на терен, ја следат состојбата предизвикана од обилните врнежи и преземаат мерки и координирани активности во рамките на своите надлежности. Електро-енергетските постројки се исклучени, единствено во функција е ставена деривациската централа ХЕЦ ‘Довлеџик’, а со единствена цел – превенција од најмала можност за поплавување и вложување на максимални напори за зачувување на секоја капка вода во интерес на водокорисниците“, вели директорот на ЈКП „Стрежево“ Менде Граматковски.

Од Стрежево веат дека следниот период очекуваат значително подобрување на хидролошката состојба и да се обезбеди подеднаков третман во давањето на услугите на сите корисници на вода. (А.Б.)