Битолски бизнисмен упатил смртни закани кон претседателката на Советот и уште десетина советници
БИТОЛА – Познат битолски бизнисмен вчера упатил закани по живот кон претседателката на Советот на Битола, Габриела Илиевска и уште за десеттина други битолски советници.
Инцидентот се случил вчера попладнето во кафеана на битолски Широк Сокак, додека голем дел од советниците по изгласувањето на буџетот на Општина Битола и по одржаната седница седнале да вечераат секој на своја сметка.
Бизнисменот дошол со уште тројца млади мажи (некои велат дека то биле двајцата негови синови и уште еден непознат за присутните) и упатиле вербални закани по живот не само кон претседателката на Советот туку и кон сите останатите советници.
Присутните останеле вчудоневидени од однесувањето на бизнисменот.
Во разговор за „Независен“, Илиевска го потврди инцидентот и ни рече дека бизнисменот упатил „закани по живот по сите присутни“ по што повикале полиција да ги извлече од ресторанот бидејќи напаѓачите продолжиле со заканите.
„Бевме присутни над десет советници на вечера, се појавија 4 лица од кои тројца ни беа познати и едно непознато. Упатија вербални закани, животозагрозувачки кон сите во просторијата. Заминаа и по неколку минути побаравме сметка и ние да заминеме бидејќи беше непријатна ситуација за сите, но вработената ни кажа дека не чекаат долу на првиот спрат и дека не ќе можеме да излеземе. Викале дека ќе нѐ убијат. Јас повикав полиција, па дел од советниците беа извлечени кога дојде полицијата зошто сите бевме загрозени. Се врати полицијата и ние останатите да заминеме, но напаѓачите се вратија во просторијата и упатија уште поголеми закани ко нас. Побарајте информација и од полиција“, ни изјави Илиевска.
Од полицијата го потврдија инцидентот и соопштуваат:
На 28.12.2022 во 21,20 часот во угостителски објект во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги приведиле А.Т. (48), А.Т. (26) и М.Т. (27), сите од Битола, затоа што се однесувале агресивно кон советници од Совет на општина Битола и се обиделе физички да нападнат дел од нив. Тие, исто така, се однесувале агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од полицијата
Неофицијално, од извори од присутните советници, бизнисменот очекувал на седница на Советот да биде поставена точка на дневен ред од урбанизмот, што го засега и него, со оглед на тоа што тој се занимава со градба на станови.
Претседателката на Совет Илиевска вели дека ни таа ни советниците не знаат зошто ова го направил бизнисменот.
„Јас работа согласно закон статут и деловник на Советот и моја цел е нив да ги почитувам“, вели Илиевска.
Бизнисменот демантира дека упатувал смртни закани
Откако „независен“ ја објави приказната за инцидентот со светниците наведувајќи ги само иницијалите на натрапникот што ги објави полицијата, се јави бизнисменот Александар Талевски за да потврди дека тој бил дел од случајот, но дека не упатил никакви закани по живот. До ниту еден советник.
Талевски вели дека само го прашал советникот од групата „Поинаку“, Иван Чулакоски, каде му е бејзбол палката што ја вадел на говорница кога бил опозиција. Тој се чуди зошто воопшто бил пријавен во полиција од претседателката на Советот Габриела Илиевска и другите присутни советници.
„Влегов во кафеаната, таму седеа советници и јас се обратив само кон советникот Иван Чулакоски и бидејќи тој е познат во јавноста дека вадеше бејзбол палка на советничката говорница додека беше опозиција, јас само го прашав – ‘Каде ти е палката што ја вадеше на говорница?’ Инаку, јас бев поддржувач на независната листа „Поинаку’ и тие тоа добро го знаат. Значи, не е точно дека сум загрозил нечија безбедност, тоа е лага. Дури и мојот син беше на листата на првата советничка листа на ‘Поинаку’ кога се основа независната група“, вели Талевски за „Независен“.
Тој тврди дека ништо не барал од претседателката на Советот Илиевска, ниту од било кој друг советник што би било во негова лична корист, напротив вели дека сѐ што работи е легално и според законите и нема потреба од привилегии.
Талевски најавува контра тужби за советниците Илиевска и Чулакоски за реваншизам, за што вели целата ситуација ќе ја докаже пред суд.
(Овој текст е дополнет со реакцијата на Александар Талевски)