Битолчани протестираа против изградбата на регионална депонија

„Изгорени“ од децениското загадување од РЕК „Битола“ битолчани денеска излегоа на протест пред општинската зграда спротивставувајќи се на изградбата на регионална депонија каде што треба да се одлага ѓубрето од 18 општини.
Во изминатиов период Советот на Општина Битола едногласно го прифати предлогот за меѓуопштинска соработка за отворање на регионалната депонија во Новаци заедничка и за Битола, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод. Општина Новаци го прифати предлогот на нејзина територија да се гради регионална депонија. Според проектот, депонијата треба да биде сместена во рудникот Суводол, каде што претходно се копаше лигнит.
Битолчани на протестот рекоа дека во своја близина не сакаат уште една еколошка бомба.
„Битола е сведена на општина која треба да ѝ се поклонува на централната власт. Од Министерството за екологија рекоа ова се одлучува на повисоко ниво, било од државен интерес, тогаш сите ние сме нула. Според статистиката од 2023 година, се работи за отпад од 238.000 тони што ќе се носи во Пелагонискиот Регион, а Пелагонија има годишно 92.000 тони смет. Битола доволно го штитеше повисокиот државен интерес, со тоа што 45 години ние тука го имаме РЕК. Да не се жртвуваме ни ние, ни други население места, туку да се одреди место кое нема да го загрозува животот“, рече Весна Кочанковска.
Битолчаните кои протестираа скандираа „Не за депонија“ и носеа пароли „Направете го Детското, не депонија“, „РЕК+депонија = онкологија“ и други.
На протестот беше речено и дека и да се изгради депонијата по еколошки стандарди, немаат доверба во системот оти понатаму процесот на заштита од загадувањето ќе се контролира како што треба. А како пример за тоа го посочија РЕК.