Битола, последниот вагон на Заев и Мицкоски
Во СДСМ уште се колебаат дали да ја предложат Наташа Петровска за уште еден градоначалнички мандат, а ВМРО-ДПМНЕ го чека адутот на социјалдемократите па после тие да го соопштат нивниот кандидат
Анета Блажевска
БИТОЛА – Битола е или последниот вагон од политичкиот воз на двете најголеми партии од левицата и десницата или пак јагода на шлагот? Голема е разочараноста на политичката јавност од Битола откако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и на два месеца пред локалните избори не излегоа со имиња на нивните кандидати за градоначалник на претстојните локални избори. Па на социјалните мрежи граѓаните коментираат – што чекаат Зоран Заев и Христијан Мицкоски за Битола, дали „тавта со локуми“ па да ги промовираат кандидатите за градоначалник.
Особено интересна е ситуација кај владејачката партија во Битола, бидејќи Заев иако пред неколку недели ги откри кандидатите за градоначалник во пелагониските општини, Битола и Демир Хисар ги остави за самиот крај. За целиот овој период од пролетта па сѐ до денес, во СДСМ „горат“ неколку огништа кои ги подгреваат апетитите на многумина да лобираат и да се борат да ја добијат довербата на партискиот врв и на Заев. Внатрепартиската битка кој да биде кандидат за градоначалник со сигурност го подели членството, особено што Заев не ѝ даде ветер во грб на актуелната градоначалничка Наташа Петровска и навреме не кажа гласно дека таа ќе го трча вториот мандат, туку под завесата на анкети чека „анкетираните“ да кажат кој ја ужива довербата на битолчани.
Така, за Петровска и натаму трае неизвесноста дали таа ќе биде изборот за кандидат за градоначалник на Битола. Нејзините „навивачи“ велат дека Заев тоа го кажал малку дипломатски кога пред три недели во Битола ја пофали дека сработила за три мандати. Сепак и по неколку дена кога ги потврди кандидатурите за други општина, името на Петровска не го потврди и повторно отвори простор за продлабочување на битката за Битола. Противкандидатите мислат дека не е сѐ завршено, дека имаат шанси, па ја продолжија битката со медиумско промовирање.
Наспроти Петровска, упорен во битката за градоначалник е и актуелниот директор на ЈКП „Водовод“ во Битола, Горан Козаров, кој веќе јавно истапи со своја програма што планира да направи за градот. Тука Козаров направи силен удар кога наведе дека со сигурност ќе изгради базен во Битола, ќе направи велосипедски патеки и многу проекти за да го заживее туристички Пелистер. Всушност, она што не успеа да го реализира Петровска во првиот мандат. Желба да седне во градоначалничката фотелја пројави и актуелниот советник во Советот на Општина Битола, Зоран Стојчевски, но засега освен на советничката говорница не се експонира медиумски.
Апетитите за кандидатурата на владејачката партија пораснаа и кај еден бизнисмен од Битола, кои некои локални портали не штедејќи на фалби, го нарекоа „бизнис икона“ во градот. Станува збор за Христо Кондовски, кој работи во осигурителниот бизнис. Долга е листата на фирми каде Христовски е сопственик и косопственик, па дури и на земјоделска задруга за одгледување лешници. Ама, битолската спортска јавност повеќе слушна за него пред неколку дена кога на негова лична иницијатива даде спонзорство од 500 илјади денари, за, како што се вели „реанимирање“ на најголемата битолска спортска гордост, ФК Пелистер. Во овој негов гест порталите пак го пофалија и го нарекоа Кондовски – филантроп.
Зачмаено е во општинскиот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Битола каде познавачите на приликите велат дека чекаат како во грмушка Заев да „испука“, па и тие да го откријат кандидатот за градоначалник. Таму се вртат неколку имиња, се споменува епидемиологот Тони Коњановски, актуелен советник во битолскиот Совет. Апетитите за кандидат за градоначалник повторно се разгорија и кај Спире Мавровски кој во 2005 година беше кандидат за градоначалник на ВМРО-Народна, па ја изгуби битката од Владимир Талески (кандидат на ВМРО-ДПМНЕ) и Златко Вршковски (СДСМ) и не влезе во вториот круг.
Мавровски е поранешен вработен во РЕК „Битола“, сега е во пензија и е жесток критичар на актуелното раководство на комбинатот.
Желба да влезе во трката за градоначалник има и архитектот Зоран Николовски, кој во времето на Талески беше директор на Битолскиот музеј. Николовски се наметнува во јавноста со идеите за „зелена“ Битола. Меѓу имињата кои се споменуваат од опозиционерите е и Лили Бошевска, поранешна директорка на Градската библиотека, која своевремено се испроба и како водител на локална телевизија. Меѓу имињата за кандидати се споменува и Пеце Милевски, актуелен претседател на Општинскиот комитет во Битола, инаку поранешен светник во битолскиот Совет. Милевски не беше чест „гостин“ на советничката говорница и не остави впечаток на добар говорник и добар познавач на состојбите во градот. Сега од позиција на претседател, неговата засилена медиумска промоција, честите прес-конфернеции и Фејсбук настапи навестуваат дека е еден од најсериозните кандидати за градоначалник, адут на Мицкоски за Битола.
Во битката за градоначалник најверојатно ќе се вклучат и либерал-демократите, а како најистурен играч за оваа функција се споменува Горан Милевски, актуелниот министер за локална самоуправа. За многумина Милевски веќе се оддалечил од градот и неговата популарност не е иста како пред четири години кога неговото име се вртеше на партиските анкети.
Познавачите на приликите во Битола сепак коментираат дека без оглед на кандидатите, на овие локални избори најтешката задача за партиите ќе биде да ги мотивираат гласачите да излезат на гласање.