Битола окована во студ и снег, на Пелистер битолчани се сончаат

Во Битола утрово беше минус 8 степени, а Пелстир посетителите уживаат на плус 15


 

БИТОЛА – Битола деновиве е окована во студ и снег, додека на Пелистер, на скијачките центри Нижеполе и Копанки, битолчани се сончаат соблечени по блузи. Битола денеска се разбуди на минус 8 степени, најстудено утро од почетокот на годинава, па децата утрово заминаа на училиште по подмрзнати улици. Веќе неколку дена и дневната температура е во минус и се движи околу 5 степени под нулата.

За разлика до Битола на Пелистер температурата е околу 15 степени над нулата, како да е пролет.  Битолчани велат дека од Нижеполе спуштајќи се надолу,  градот не се гледа од маглата.

Од битолската клиничка болница информираат дека на одделот за Ортопедија се нотираат повреди кај пациенти од снег и мраз, но таа бројка е мала во споредба со првите денови кога заврна снегот, што значи дека граѓаните се повнимателни со движењето на снегот и мразот.

„На одделот за Ортопедија во моментов имаме пет оперирани пациенти од кои две се деца, останатите повозрасни. На преглед со трауми дневно се јавуваат од 15 до 20 пациенти, но според евиденцијата само тројца до четворица од нив се нотирани како повреди од снег и мраз. Викендот што измина имавме тројца пациенти со повреди при скијање“, изјави д-р Ненси Лозанче директор на Клиничка болница Битола за „Независен“.

Од ЈКП „Нискоградба“ Битола велат дека од кога падна снегот досега се употребени 285 тони сол и 268 кубни метри ризла по битолските сообраќајници и населените места од Општина Битола.

Од ЈКП „Водовод“ Битола велат дека битолчани и оваа зима трошат вода отповеќе оставајќи ги славините да течат ноќе, најверојатно од страв да не замрзне водата во цевките.

„Иако е зима се троши вода отповеќе и овие денови просекот е од 520 до 550 литри во секунда, што е блиску до просекот на дневна потрошувачка во топлите денови во лето“, изјави Андреј Гинов, директор на битолски „Водовод“.  

Инаку според професорот по географија Мите Ристов , претседателот на Регионално географско друштво „ГЕОСФЕРА“, и овие денови на Битола и се случува температурна инверзија, а надминувањето на ваквата состојба зависи од ветровите.  

„Причината за ваквата метеоролошка состојба е комбинација од неколку фактори: релјефот на Пелагонија како котлина, односно нејзиното опкружување со високи планини, поради што има слаба циркулација на воздухот и појава на т.н. ‘тишини’ и присуството на снег. Поради овие фактори, ладниот воздух од планините, како потежок, се спушта во котлините и го истиснува топлиот воздух, кој како полесен се искачува на планините. Оваа појава се нарекува температурна инверзија. Ваквата состојба ќе трае се’ додека не започне да дува ветер, а тоа се очекува да се случи во текот на утрешниот ден“, изјави Митов.

Општина Битола во текот на минатата недела организираше бесплатен превоз до скијачките центри „Копанки“ и „Нижеполе“ , а поради зимскиот распуст го искористија над 700 граѓани, најголем број млади.