Битола не живее на стара слава, градот продолжува да создава култура (фото)

Гостите од сите страни на светот, учесници на фестивалите, како и посетителите на културните настани постигнаа ефект и во економијата, туризмот и угостителството, особено по корана кризата


 

БИТОЛА – Градот под Пелистер има богато културно наследство, но и актуелно творештво, каде културата е поставена високо на приоритетите на локална власт. Тоа годинава, како ретко кога досега го потврди и културното лето Бит Фест 2022, каде на културните настани, ни повеќе ни помалку што би рекле битолчани имаше посетеност како од половина град. Битолчани кои во континуитет ги следат културните настани велат: „Покажуваме дека Битола не живее на стара слава за културата, туку градот продолжува да создава култура“.

Обновениот велелепен Офицерски дом во Битола беше центарот на случувањата на културните настани во Битола заедно со античкиот локалитет Хераклеја и уште еднаш се потврди дека битолчани и Битола има со што да се покажат, пофалат и да се претстават пред домашната и странската публика.

Бит Фест 2022 годинава привлече над 40.000 посетители во текот на 77 дена, потврдуваат од Општина Битола. Се реализираа 140 настани од официјалната програма, меѓу кои девет фестивали, 64 музички концерти на класична, поп, рок, џез музика, како и музика низ која се слушаше народниот мелос, 10 изложби, 25 филмски проекции, 20 театарски претстави, уметнички перформанси и други настани низ кои се промовираше културното наследство и традицијата на Битола.

Дополнително, осум фестивалски денови со фестивалот „Браќа Манаки“, Битола го славеше филмот и големите кинематографери, а градот беше еден од најважните фестивалски центри во Европа.

„Сакам да се заблагодарам на сите оние кои беа учесници на годинешниот Бит Фест 2022, во мое име, во име на луѓето од Општина Битола кои се заложија се да биде како што треба, Советот на Општина Битола, но најмногу до музичарите, уметниците и до Вас, граѓаните кои дадовте поддршка на сите манифестации. Посетеноста на настаните, е потврда за успехот кој го постигнавме, тргнувајќи од желбата да изградиме еден сосема нов концепт на битолското културно лето, токму онаков како што и доликува на Битола“, рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Ова лето Битола ја посетија гости од над 15 земји од светот, (Израел, Полска, Чешка, Швајцарија, Турција, Шпанија, Италија, Колумбија, САД, Србија, Полска, Црна Гора, Албанија, Франција) како учесници на културното лето, што е уште една потврда дека Бит Фест е промоција не само на битолската, туку воопшто на македонската култура и традиција, па од тука градоначалникот Коњановски смета дека „преку културата, ќе ги надминеме различностите, ќе ги развиваме вредностите и ќе градиме иднина во која македонскиот идентитет, секогаш ќе живее оставајќи значаен печат во светот“.

Фестивалот започна со концерт на нашата Каролина Гочева на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, а заврши со концерт на групата „Меморија“, на Ракометното игралиште.

Меѓу поголемите настани може да се издвојат: Фестивалот „Илинденски денови“, Битола Шекспир фестивалот на Битолскиот народен театар, Битола отворен град, Балкан гала фестивал, Џез фабрика фестивалот, Солстис, традиционалната Бела ноќ, Незаборав, Локум фест, како и гостувањето на Ансамблот Марко Виденовиќ септет, Битолскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар Профундис, Сара Ароесте, ансамблот Танец и Влатко Стефановски, групата „Мизар“, Камерниот хор „Одјек“ од Пожаревац, хорскиот концерт на Женскиот младински хор – МКЦ Скопје со диригентот Сашо Татарчевски и многу други изведувачи кои успеаја да привлечат многубројна публика на повеќе од 12 сцени на отворен и затворен простор.

Во исто време Бит Фест ја заживеа и локаната економија. Гостите од сите страни на светот, учесници на фестивалите, како и посетителите на културните настани постигнаа ефект и во економијата, туризмот и угостителството, особено по корана кризата.

Културното лето во Битола има континуитет повеќе од 45 години. Започнувајќи како Хераклејски вечери, со неколку дневно траење, продолжило да ја менува својата форма и траење зависно од организацијата и финансиските средства со кои располагале организаторите.

Од 2001 година Битолското културно лето продолжува да се одржува во организација на Општина Битола во соработка со националните институции и поддршка од Министерството за култура, а од 2006 година, општината комплетно ја презема организацијата на Битолското културно лето, со акронимот Бит Фест.

Градоначалникот Коњановски веќе најавува дека новиот концепт кој го воведува општина Битола во организација на битолското културно лето, продолжува континуирано да се надградува, а организациските подготовки за новото издание на Бит Фест, ќе започнат уште од следниот месец.

Во меѓувреме продолжуваат културните настани во Битола, меѓу кои ќе биде и гостувањето на Симон Трпчевски со проектот „Македонисимо“, четврто-ноемвриската програма во пресрет на празникот на градот и на крај секако годината ќе се заокружи со Зимската приказна пред Нова година, која минатата година предизвика неочекувано голем интерес кај битолчани.