Битола „гори“ во политички караници

Со месеци наназад нема никаква комуникација меѓу градоначалникот и претседателката на Советот. Но има меѓусебни караници, една епизода по друга


Првите луѓе на Општина Битола: Тони Коњановски и Габриела Илиевска

 

БИТОЛА – Од февруари годинава па наваму, граѓаните на Битола се како заложници на караниците на првите луѓе на локалната власт, на „труењето“ со две „вистини“. Обвинувањата кој работи и не работи и колку се работи законски ја прели чашата, а првиот човек на Советот, Габриела Илиевска, и првиот човек на општината, Тони Коњановски, немаат комуникација со месеци наназад. На сето ова советничката група на СДСМ молчи, а помалите советнички групи и поединци или се контраши или чекаат сигнал од Скопје. 

Вака некако може да се опише политичката клима во Битола, во последните неколку месеци која понекогаш се засилува и кулминира, па пак спласнува, но сепак сака да ги држи на „кондиција“ битолчани. 

Работата е дотерана до таму што дел од поранешни политички функционери во Битола сметаат дека актуелните политичари во градот немаат политичка култура да ги надминат недоразбирањата во интерес на граѓаните. Затоа сметаат дека работата е дојде до медијација, па и до стадиум да се најдат олеснувачи за решавање на спорот.

„Можеби не е баш соодветна споредбата, но на Битола ѝ се потребни нови Џејмс Пердју и Франсоа Леотар, некој кој ќе ја омекне работа меѓу двете завојувани страни. Велат – за граѓаните се работи, а никој не попушта, сите се по рововите. Каква е оваа вообразеност и ароганција, кој им е интересот?“, вели поранешен пратеник познат на редакцијата.

Битолската јавност и последните два дена е сведок на новата епизода од јавните препукувања меѓу претседателката на Советот и градоначалникот.

Повторно политичката пресметка е околу прекинатата седница во април годинава. Еднаш во право беше градоначалникот Коњановски, па Државниот инспекторат за локална самоуправа кажа дека претседателката Илиевска згрешила, па таа се жалела и сега Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор ја уважила жалбата и предметот го вратила на повторно разгледување кај Државниот инспекторат.

За обичниот граѓанин на Битола, сѐ е толку конфузно и нејасно кој е во право, а кој е криво, што дури им се смачи да реагираат и конструктивно да коментираат на вестите за караниците на релација Илиевска-Коњановски. Битолчанец  коментира дека е дојдено време, одлуките во Советот на Општина Битола да се носат со европско знаменце.

„Поентата со знаменцето е дека некои работи во Битола треба да минуваат на ‘брза лента’, останаа паркинзите, улиците недоправени, а за два месеца може да влеземе во зимска служба, сѐ да остане така“.

Друг граѓанин коментира: „Ги гласавте, трпете ги сега дур се караат. Улиците ископани, паркот ‘Довлеџик’ и многу други работи трпат“.

„Апсолутно неколку месеци нема никаква комуникација меѓу градоначалникот и Советот“, признава Илиевска на последната прес-конференција во Битола каде селективно канеше медиуми.

„Ние веќе повеќе од 4 месеци не комуницираме и градоначалникот нѐ информира написмено или преку медиумите разбираме што се прави во градот“, се жали Илиевска.

Конфузијата оди дотаму што Илиевска прво критикува дека Коњановски ништо не работи и затоа си заминала од неформалната коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, која ја стави на чело на Советот, иако има само три советници, а во друг момент се чуди како работел градоначалникот. 

„Во овој град ништо не се работи, граѓаните се незадоволни и секој ден сме сведоци на прес-конференции на кои се тера популизам… Никој во Советот не може да разбере според кои закони работи оваа локална самоуправа. Сите работи што им се должност не ги прават. Ако Општина Битола е блокирана како што вели градоначалникот Коњановски, како тогаш се работи на повеќе локации?“, рече Илиевска.

Градоначалникот Коњановски извесен период наназад е постојано на терен, на увид на градежни активности, па најавува и нови проекти. Така беше и на последната прес-конференција кога пред медиумите наброја бројни проекти кои се во тек на реализација и најави идни планови.

За разлика од Илиевска, неговата реторика е поумерена, но пак не смогна сили да ја покани јавно пред новинарите.

„Во однос на транспарентноста јас постојано ги повикувам и советниците и координаторите на советничките групи, знаете дека мојата врата е отворена. Не знам како би требало лично да се покани? Така што не гледам зошто некој би се почувствувал обесправен“, возвраќа Коњановски и нагласува: „Овој град не смее да биде блокиран. Тука сме да работиме“.

Суштината на целиот проблем потекнува од моментот кога Илиевска излезе од неформалната коалиција и ВМРО-ДПМНЕ го изгуби мнозинството во Советот. Сега формално нема ново мнозинство, туку „соработка“ на претседателката со советниците на СДСМ и помалите партии. Така останува впечатокот дека Советот тера како да е без компас, а на повидок нема изглед за брзо надминување на состојбите.

Најверојатно со караницата ќе се продолжи на следната седница на Советот на која пак ќе се гласа за измените на Буџетот.

Во „Службен гласник“ на општина Битола е објавено дека Министерството за финансии не ги вчитува измените и дополнувањата на буџетот за 2023 година во Трезорот, бидејќи износот на планираните приходи на основниот буџет го надминува максимално утврдениот лимит за оваа година.

Илиевска уште сега е категорична – „Јас новиот ребаланс што го пласира во јавноста градоначалникот Коњановски немам намера да го разгледувам“.