Битола го отвори првото прифатилиштето за бездомни кучиња


БИТОЛА – Општина Битола го изгради и го отвори прифатилиштето за бездомни кучиња. Прифатилиштето „Хачико“ обезбедува хуман третман на животните, а максималниот капацитет за сместување е околу 55 кучиња.

Прифатилиштето ќе значи организираното и системско решавање на проблемот со бездомните кучиња во Битола, велат од општината, откако со години наназад граѓаните реагираа на зголемениот број кучиња скитници и чувството за небезбедно движење низ градот и парковите, по зачестените случаи на напади и повреди од бездомни кучиња.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, во петокот заедно со директорот на ЈП „Комуналец“ Горан Степановски, го посетија прифатилиштето, во присуство на учениците од Средното ветеринарно училиште и претставници на невладиниот сектор каде веќе има сместено заловени кучиња.

„Веќе е екипиран кадарот во прифатилиштето и склучен е договор со повеќе ветеринарни друштва од Општина Битола за хуман третман на уличната популација на кучињата. Општина Битола изминатите месеци во континуитет направи сериозен напор да изгради соодветно прифатилиште кое ги задоволува сите стандарди за хуман третман на животните, добивме одобрување за работа од АХВ за прифатилиштето, направивме мониторинг на уличната популација на кучињата, обезбедивме средства изработивме програма за хуман третман на животните која ги дава насоките по кои ќе се стави под контрола овој проблем“, вели Коњановски.

Ветеринарните друштва имаат отворен налог за заловување на кучиња и граѓаните можат да се обратат до ЈП „Комуналец“, доколку има не третирани кучиња во нивна околина на јавна површина, исто така ќе можат маалските кучиња да ги однесат на хуман третман во една од петте ветеринарни друштва по нивен избор.
Во функционирањето на прифатилиштето ќе бидат вклучени и учениците од Средното ветеринарно училиште со што ќе се зголеми квалитетот на образованието на идните ветеринарни техничари.

Алармантна е состојбата во изминатиот период со кучињата скитници во Битола, не само во централното градско подрачје туку и во околните населби и села, па полицискиот билтен секојдневно е полн со извештаи за каснати граѓани од кучиња.

Минатата недела во еден ден двајца граѓани пријавија дека биле каснати од куче во Градскиот парк кај Сатот. Но не е проблемот само со кучињата скитници туку и за несовесни граѓани кои ги напуштаа своите долги години чувани миленици и ги препуштаат на улицата. Дел од овие напуштени кучиња се расни, па ова лето низ град страв сееше куче од расата „кангал“.

Од година во година расте износот што Општина Битола го исплаќа на граѓани каснати од кучиња скитници по добиени тужби. Во 2023 година се исплатени 7. 769.952 денари, во 2022 година – 2. 885.115 денари, а во 2021 година 1.129.000 денари.

Големи се сомнежите дека и добар дел од пријавите за граѓани каснати од кучиња скитници се лажирани, за што градоначалникот Коњановски, „до Основното јавно обвинителство поднесе иницијатива за отворање на постапка и спроведување на истрага во врска со пријавите за каснување од кучиња скитници кои се доставуваат до општината.“
(А.Б.)