Битки на сите фронтови во судството
Против тројца членови на Судскиот совет, кој поставува и разрешува судии, познатата судијка Лидија Неделкова поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Како што објави „360 степени“ иницијалите на тројцата судии се К.З., Г.С. и В.Д. и лесно може да се види за кого се работи. Оваа кривична пријава доаѓа во моментот кога Судскиот совет треба да одлучи кој треба да биде идниот претседател на Врховниот суд, чиј член е Неделкова. Таа е еден од тројцата кандидати за оваа функција.
Неделкова во пријавата наведува дека тројцата членови на Судскиот совет ја искористиле положбата да влијаат на постапката која се води против неа по поднесена претставка од сега веќе разрешениот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски. Таа вели дека тројцата членови на Судскиот совет не го прифатиле првичниот предлог на комисијата постапката да се запре и влијаеле одлуката да се преиначи во предлог за нејзино разрешување.
За неколку медиуми Неделкова даде изјави кои се генерално слични и во кои таа наведува дека „судиите не се ‘глинени гулаби’, па да чекаат отстрел. Ако ваков прогон ми се случува мене, како долгогодишен докажан и угледен судија, кој бил на највисоките судиски позиции и го довел судството, а особено Врховниот суд, на вистинскиот пат, тогаш што ли ги чека другите судии. Можеби некому му пречи и мојата актуелна кандидатура за претседател на Врховен суд?“
Изгледа дека навистина целата битка е за тоа кој ќе го замени Фаик Арслани на чело на највисоката судска институција, кој цела година е в.д. претседател. Судскиот совет неодамна разреши двајца судии, а обвинителството за организиран криминал има поведено кривична постапка за еден од неговите членови.