Битката кај Кленоец е патоказ за праведно и слободно општество, рече Пендаровски
Претседателот Стево Пендаровски денеска беше на одбележувањето на 80-годишнината од битката кај кичевското село Кленоец (во 1943), која е еден од најзначајните моменти во Народноослободителната борба, во која иако партизаните беа поразени и разбиени претставуваше еден од пресвртните моменти за ослободувањето на земјата од фашистичкиот окупатор.
Пендаровски се обрати пред присутните кај споменикот во Кленоец и во своето обраќање, меѓу другото, рече:
„Пред три дена, на 3 октомври, се навршија точно 80 години од објавувањето на еден од најзначајните документи на македонската народноослободителна и антифашистичка борба. Тоа е Манифестот на Главниот штаб на НОВ до македонскиот народ. Објавен недалеку од тука, во Црвена Вода, Манифестот е прв официјален документ на македонски јазик отпечатен во првата партизанска печатница ‘Гоце Делчев’.
Манифестот ја дава конкретната програма и насоки за натамошниот тек на антифашистичката борба до конечно ослободување и ги исцртува контурите на идното уредување на македонската држава. Но, исто така, Манифестот предупредува дека и покрај големите победи и ослободените територии, на македонскиот народ му претстојат уште многу тешки и крвави борби со фашистичкиот окупатор и неговите соработници, до целосното и конечно ослободување на Македонија.
Првата таква борба се случила само три дена подоцна, на 6 октомври 1943, тука во Кленоец. И тоа не било случајно. Овој крај бил дел од слободната територија со која управувале првите народноослободителни одбори како никулци на идната слободна македонска држава.
Овој простор бил клучен, не само поради неговата стратешка положба, туку, уште поважно, поради нескршливиот, слободарски дух на народот, кој неколку децении претходно има дадено и многу илинденци. За да го задушат отпорот и да ја уништат слободната територија, фашистичките окупатори и нивните слуги, токму тука, започнале голема офанзива против партизанските единици.

Партизаните биле нападнати од заседа, а во борбата што траела од мугрите до квечерината загинале многу храбри борци од Кичевско, Охридско, Струшко. Меѓу нив бил и народниот херој Јосиф Јосифовски-Свештарот. Преживеаните борци се повлекле во Црвена Вода каде што посведочиле за исходот на битката и за фашистичките репресалии врз локалното население.
Иако поради тешките загуби битката кај Кленоец била привремено загубена, сепак, патот кон добивање на војната бил целосно отворен. Со последователните воени акции, како Февруарскиот поход, беше трасиран патот до АСНОМ и прогласување на слободна македонска држава за прв пат во нашата историја.
Денеска сме тука собрани, да се потсетиме дека цената за нашата слобода е запишана на секој споменик и секој паметник од народноослободителната војна, вклучително и на овој, тука, во Кленоец. На оваа плоча се врежани имињата на борците кои беа подготвени да ја платат и највисоката цена за нашата слобода, со сопствените животи.
За да можеме да се наречеме нивни достојни наследници, ние мораме да го чуваме она за што тие се бореа – слобода, правда, соживот и демократски вредности. Преку граѓанско и национално помирување, преку владеење на правото, преку подигнување на квалитетот на животот, наша должност е да ја вратиме надежта кај младите генерации дека можат да се остварат и тука, во својата татковина.
И со тоа да се доближиме до идеалот – праведно и слободно општество на еднакви, за какво што сонуваа и гинеа нашите херои во чија чест сме денес, сите ние, овде собрани“.