Битка за скопската населба Лисиче. Кој ќе победи – Општина Аеродром или граѓаните
Општинското раководство претстави трета верзија на коригираниот ДУП со помалку згради. Жителите не сакаат воопшто да се гради
Вистинска политичка и граѓанска битка се води во скопската општина Аеродром за Деталниот урбанистички план за населбата Лисиче. Жителите протестираат, Општината црта и прецртува, партиите гледаат како да го извлечат максимумот од оваа борба, компаниите што сакаат да градат го чекаат исходот во кој со секој план се намалува бројот на зградите и станбените квадрати.
Прашањето е дали треба да се гради на малиот слободен простор на почетокот на населбата, како што замислува Општина, или да не се гради, како што бараат жителите. Битката е неизвесна.
Општина Аеродром направи трет обид да се „испегла“ политиката преку донесувањето нов ДУП за овој дел од Лисиче. Општината во првичниот обид предвиде 11 висококатници по должина на булеварите „Србија“ и „12. Македонска бригада“.
Третата коригирана верзија на Деталниот урбанистички план за градска четврт JИ09 блок 09.01 предвидува дополнително намалување на бројот на станбени згради, каде покрај првичното кратење на бројот на објекти за групно домување, во последната верзија се прави дополнително намалување.
„При изготвување на втората и третата коригирана верзија на планот, Општина Аеродром ги зеде предвид забелешките доставени од страна на граѓаните и правните лица. Во таа насока, согласно нивните барања актуелната верзија на Деталниот урбанистички план, освен намалување на бројот на проектирани улици, предвидува и две нови зелени површини во форма на парковско зеленило и намалување на бројот на објекти за групно домување, како и кратење во делот на нивната катност. Конкретниот Детален урбанистички план предвидува и можност на изградба на голем број индивидуални објекти, а со неговото донесување ќе се решат и голем дел од проблемите со легализација на индивудалните објекти за домување“, соопштија од Аеродром.
За следната недела е закажана јавната анкета за третата коригирана верзија на планот, каде граѓаните може да ги споделат своите предлози и забелешки.
Од она што може да се види во планот е дека двете кули од по 11 ката поврзани со објект на приземје и еден кат, лоцирани на самиот агол каде се вкрстуваат булеварот „Србија“ и „12. Македонска бригада“, остануваат и во новата верзија на ДУП за Лисиче. Токму на изградата на згради во населбата жестоко се спротивставија жителите на Лисиче.
Иако на две јавни анкетни со повеќе од 300 поднесени анкетни листови и два протести на кои целатѐ населба јасно кажа – „не“ за бетонизација на Лисиче, Општина Аеродром не остапува од тоа да има згради во Лисиче!
„Ние како жители на населбата сакаме да го зачуваме карактерот на населба и нашето спокојно и достоинствено живеење, додека должност на градоначалникот и на општината е тоа да го исполнат“, велат од групата на граѓани „Да го зачуваме Лисиче“ во врска со најновата верзија на ДУП-от.
Оттаму ги повикуваат сите жители во што поголем број да поднесат анкетни листови и да кажат „не“ на градежниот хаос кој им се подготвува.
Предлог-планот е изложен на јавна анкета во ОУ „Димитар Македонски“ до среда, 16 август, а во вторник во 17 часот ќе има јавна презентација на овој ДУП.
По јавната анкета со цел предлог-измените кои се прифатени од страна на општината да бидат повторно доставени на увид на граѓаните, а пред да се стави на седница на општинскиот Совет, како што налага законот, потребна е и согласност од Министерството за транспорт и врски, која се однесува на тоа во делот дали се запазени сите чекори во законски предвидената постапка за усвојување на ДУП-от.
Организирани во иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“, жителите имаат поддршка од дел од советниците во општина Аеродром и тоа вкупно 12 гласа, наспроти 15 од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
„Барањата стигнуваат до секторот за урбанизам на општината и таа е должна (во однос на анкетните листови) да одговори. А нивните барања кои се јавно објавени ги разгледавме и апсолутно ги поддржуваме“, изјави на крајот на јуни Милутин Ристевски, советник во општина Аеродром, кој смета дека реакциите на граѓаните се оправдани.
Под притисок на граѓанските протести, Општина Аеродром веќе втор пат прифаќа дел од забелешките на граѓаните и по трет пат подготвува нов ДУП. Меѓутоа, според жителите на Лисиче ваквите најави се само обид за манипулација, бидејќи повеќе од два месеца чекаат одговор на забелешките од нивните анкетни листови.
Жителите на Лисиче имаат поддршка и од советниците од Левица, од каде тврдат дека нема да дозволат „повторно да биде загрозен интересот на жителите на Аеродром заради тесната врска на локалната власт со градежните моќници. Советниците од Левица го потсетуваат градоначалникот Тимчо Муцунски дека „политичката кариера на секој градоначалник во Аеродром завршила токму поради ваквите бизнис-зделки со градежната мафија“.