„Битка“ со соопштенија меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Но за различни теми


 

Опозицискиот СДСМ бара проширување на истрагата за корупцискиот скандал со средствата на ИПАРД 3 програмата за земјоделците, а ВМРО-ДПМНЕ тврди дека сдсмовските членови му го вртеле грбот на лидерот Венко Филипче. Тоа е утринската порција на соопштенија на двете главни партии.

СДСМ вели: „Корупцискиот скандал со ИПАРД фондовите не е изолиран случај, туку доказ за длабоко вкоренет, организиран систем на злоупотреби создаден и поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. Веќе е јасно дека истрагата мора да оди многу повисоко од фатениот директор со обележани банкноти. Мора да се проверат и политичките врски, кумските релации и влијанијата кои ја контролирале распределбата на европските пари.

Во целата шема се појавуваат имиња од најблискиот круг на премиерот Мицкоски за кои премиерот одбегнува да одговори.

Илија Стоилев, директорот на Агенцијата и функционер на ВМРО-ДПМНЕ е близок соработник на Игор Миќев, познат како Панкерот, кој е во кумска врска со премиерот Христијан Мицкоски. Дополнително, неговата сопруга, кумата на Мицкоски, била вработена во Агенцијата, каде, според доставените информации од свиркачи, без нејзин потпис не се пуштала ниту една исплата од ИПАРД.

Ова отвора сериозни прашања за кои Мицкоски мора веднаш да одговори: Дали под истрага се и неговите кумашини Игор и Цветанка Миќеви? Колку пари од субвенции се испумпувале преку мито и злоупотреби?

СДСМ бара итно проширување на истрагата, испитување на сите инволвирани лица, вклучително и политичките поврзаности на највисоко ниво, и целосно расчистување на овој најголем скандал во земјоделството“.

Од ВМРО-ДПМНЕ не одговараат на ваквите барања и обвинувања и го игнорираат скандалот со митото во Платежната агенција, туку велат дека биле потребни итни реформи во СДСМ.

„Незадоволството од изборниот резултат расте и кај членови, симпатизери и поранешни функционери на СДС кои се дистанцираат а некои од нив и ја напуштија партијата незадоволни од насоката во која се движи.

Венко Филипче ја губи довербата кај членството поради недостиг на визија, стратегија и кредибилитет. Филипче со соочува со сериозен пад на довербата и поради блискоста и силното влијание на Заев во партијата. Филипче работи исклучиво по насока на Заев, за тесно партиските интереси на мал круг на луѓе и лукративните цели на кланот Заеви.

Евидентни се потребите од итни реформи во врвот на СДС за да се прекине влијанието на Заев и да се врати кредибилитетот на СДС. На Македонија ѝ е неопходна силна и консолидирана опозиција која ќе биде коректор на власта“.