Битиќи: Во неделите ќе работат само дејностите во кои процесот не може да прекине


Во неделите ќе можат да работат само оние дејности кои ќе покажат дека технолошко производствениот процес не може да прекине, изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи во емисијата „Економски магазин“ на телеевизија Алсат. Тој вели дека законското решение кое се планира да се донесе, не е нешто кое треба да ги изненади граѓаните и бизнисите, бидејќи е едно од владините ветувања за неделата како неработен и ден за одмор.

„Сепак, свесни сме дека не може да се затвори целата економија и затоа има одредени исклучоци, и овие исклучоци во консултација со работодавачите, синдикатите и коморите се дефинираат“, изјави Битиќи.

Тој нагласува дека многу важно е да се направи баланс во врска со потребите на работодавачите и работниците, кој би се рефлектирал со соодветни плати и надоместоци за вработените во однос на нивната продуктивност.

Битиќи гостуваше во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат, каде заедно со претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска и претседателот на Сојузот на синдикати, Дарко Димовски, дискутираа за новотo решение за Законот за работни односи и дефинирањето на недела како неработен ден, како и за одредени аспекти од најавениот петти сет на економски мерки.

„Законското решение ќе биде усогласено со сите социјални партнери и треба да ги задоволи и синдикалните организации, како претставници на работниците, стопанските комори, како претставници на компаниите, граѓаните, за задоволување на нивните дневни потреби, како и да биде во согласност со Програмата за работа на Владата“, нагласи Битиќи.

Тој истакна дека со сите социјални партнери се разговара за дефинирање на сектори кои би биле исклучоци и за кои би се дозволило да работат во недела, а тоа се сектори во кои технолошките процеси едноставно не може да застанат. Она што е значајно да се потенцира е дека не сите работодавачи од овие дејности ќе можат да работат во недела. 

„Работниците не се плаќаат според тоа колку се приходите туку тие треба да се плаќаат колку се продуктивни, затоа што пак нивната продуктивност носи повисоки приходи и повисока добивка за компаниите. Ова во Северна Македонија треба да го објасниме еднаш и засекогаш. Но, не може да ги загрозиме елементарните права на граѓаните само затоа што од другата страна имале потреба. Имаме политики кои помагаат и на страната на бизнисите но и на страна на граѓаните и работниците“, подвлече вицепремиерот Битиќи.

Тој  ја потенцираше и важноста на носење на законски решенија кои ќе бидат јасно дефинирани.

„Со јасното дефинирање на правата и обврските во Законот, моментот на непочитување на законот можат да се сведат на минимум, затоа што инспекциските служби исто така имаат повеќе надлежности. Ние веќе во законското решение влегуваме во делот на казни и на улогата на инспекциските служби, утврдуваме што значи прекршување на ова одредба“, нагласи вицепремиерот Битиќи во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат.