Битиќи: Социјалното претприемништво е вредност која може да донесе добро за сите во Западен Балкан


Фото: Б. Грданоски

 Преку развој на социјалното претприемништво ќе придонесеме за развој на социјалната кохезија и намалување на разликите, овозможувајќи им на нашите општества да се усогласат со предностите на Европската унија за солидарност и кохезија, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и додаде дека социјалното претприемништво е вредност која може да донесе добро за сите во Западен Балкан.

Нагласи дека развојот на социјалното претприемништво ќе не направи поатрактивни партнери за Европската Унија и ќе ја зајакне и регионалната отпорност и конкурентност на Западен Балкан. Порача дека земјава посветено работи на создавање услови за социјално претприемништво и додаде дека во завршна фаза е законот за социјално претприемништво со кој за првпат во нашиот правен систем ќе биде системски регулирано со јасни дефинирани процедури и критериуми за основање социјални претпријатија и со изградени соодветни финансиски инструменти за нивна поддршка.

-Од сите учесници на денешниот настан беше оценето дека социјалното претприемништво е вредност која може да донесе добро за сите во целиот регион и да помогне во решавањето на незадоволните социјални потреби затоа што претприемништвото со развиени социјални функции е извор на економски раст и развој, изјави Битиќи на паузата на Регионалниот форум за социјално претприемништво во организација на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО. 

Нагласи дека како што се движиме кон Европската унија од суштинско значење е да се зајакнат заедниците преку развивање на социјалното претприемништво како модел на инклузивен раст во кој ранливите и маргинализираните групи ќе бидат вклучени во остварувањето на економски успеси. 

-Со прифаќање и поддршка на социјалното претприемништво земјите од Западен Балкан треба да ја искористат неговата трансформативна моќ за да го забрзаат својот план кон членство во ЕУ истовремено подобрувајќи ја благосостојбата  на нивните граѓани и заедници, рече Битиќи.

Посочи дека социјалното претприемништво е еден од начините преку кои можеме да градиме општество со вкоренети инклузивни можности во кои економските активности покрај профит ќе испорачуваат и социјална вредност.

Генералниот секретар на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО, Алберт Хани истакна дека се само една од многуте меѓународни институции кои го поддржуваат социјалното претприемништво.

-Ќе продолжиме да ги охрабруваме и поддржуваме сите социјални претприемачи кои имаа храброст да преземат поголема улога во општеството и да работат на социјални прашања кои бараат инта промена. За нас во РИКО социјалните претприемачи не се само храбри млади луѓе, туку се и креативни луѓе кои директно придонесуваат за намалување на корупцијата и неправдата и за развивање на економската независност, рече Хани.

Токму економската независност и грижата за општеството, додаде, ќе не доведе во позиција да сфатиме дека тоа ќе ги спречи младите да одат од регионот.

-Младите јасно кажуваат дека повеќе од 52 отсто одат од регионот само поради фактот што чувствуваат дека во нашите општества претежно владее корупција и неизвесност. Затоа со економската независност младите го подигаат нивниот глас и придонесуваат за промени во општеството, рече Хани и додаде дека РИКО ќе продолжи да ги поддржува идеите на младите во регионот на Западен Балкан за социјално претприемништво.

Досега, како што кажа, РИКО поддржал над 350 социјални претприемачи, а наскоро ќе се отвори и нов повик на кој ќе бидат поддржани нови 200 лица.