Битиќи попладне на средба со преработувачите, ако има потреба ќе се интервенира против ценовниот шок


Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека попладне ќе се сретне со претставници на Здружението на преработувачи при Стопанската комора на Северна Македонија кои вчера предупредија дека ќе има драстично поскапување на храната.

Битиќи денеска изјави дека ги следат состојбите и оти доколку е потребно, ќе се интервенира. Не сакаше да открива повеќе детали се додека не ги слушне аргументите.

– Ги следиме состојбите и таму каде треба да се интервенира, ќе интервентираме, но во овој момент не би сакал да кажам какви се мерки евентуално би донеле во одреден временски период бидејќи различно се толкуваат пред се поради предизборниот период и заради тоа што станува збор за мерки кои бараат дополнителни анализи од наша страна. Да ги слушнеме нивните аргументи и потоа ќе можам да дадам повеќе детали, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.