Битиќи: Клучот на опстојноста и растот на економиите на регионот е во градењето доверба


 

Потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи изјави дека за економски напредок на Западен Балкан е неопходна соработката и заедничкиот настап на државите од регионот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во своето обраќање на меѓународната конференција „Самит на земјите од Западен Балкан 2022, градење мостови за мир, напредок и солидарност“, што во организација на „Економист“ и Владата на Косово денеска се одржува во Приштина, Битиќи порача дека „клучот на опстојноста и растот на економиите на регионот е во градењето доверба“.

– Најпрвин треба да ја градиме довербата на нашите граѓани во владите и бизнисите и второ, довербата меѓу нашите земји. Може да одиме нагоре или надолу, но одиме заедно. Токму затоа треба да работиме заедно за една економија во која треба да профитираат и бизнисите и работниците, рече Битиќи на панелот насловен „Раст и развој на Западен Балкан“.

Според него, најбитно за регионот е да се промени стратегијата на однесување, да се премине во „создавање на цврсти врски и на меѓузависност“ на државите.

– Овој нов пристап носи најголем раст, поголема иновативност и стабилен регион. Тоа конечно не доведува во нова фаза на меѓузависност, при што не се натпреваруваме во сектори или области, туку сме заедно и стануваме поконкурентен натпреварувач како регион, рече Битиќи

Имајќи ги предвид поместувањата или големите промени во светската економија, додаде, најбрзиот начин како владите од регионот можат да им донесат напредок на своите земји е преку создавање заеднички платформи, со слични пакети на поддршка и донесувајќи го целиот ланец на вредности од напредниот свет во регионот.

– И наместо да се натпреваруваме меѓу себе кој ќе ги донесе инвеститорите, треба да го промениме тој однос, да го бараме синџирот на вредности како целина да го донесеме тука, а не само една единствена компанија која ќе вработи илјада работници, рече македонскиот вицепремиер.

Според него, постојат многу можности за инвестирање во секторите и потсекторите, но, како што нагласи, „ниедна од нив не е можна без луѓето, без оние кои имаат иста верба и оптимизам за да ја надминат оваа криза“.

– За да се развиваме во правец на опстоен раст, треба да работиме на повторното градење на вербата дека работата се исплаќа, одговорноста се наградува и секој може да постигне сé кога се труди, без оглед на тоа кој е, од каде доаѓа и како започнал, порача Битиќи.

Тој се заложи за побрзи чекори во развојот на бизнисите врз основа на еднакви правила, еднакви можности и еднаков удел.

– Значи се бара од сите нас да се поттикнуваме еден на друг кон успехот и тоа бара одговорност и обезбедува опстојност. А за тоа треба да ги обединиме силите на она што се нарекува „тројна елиса“: владата, бизнисите и луѓето, рече Битиќи.

Северна Македонија и Косово, кои според Битиќи, имаат многу сличности, „сега треба да се борат за своите луѓе“ и да отворат дебата за тоа „какви бизниси и владеење им нудат“.

– И не само како политичка реторика, туку една вистинска врска меѓу овие три страни треба да биде начинот на враќање на довербата, враќањето на растот и просперитетот, но и на правдата. И она последното што ќе не поттикне сите да продолжиме напред и нагоре, значи враќањето на солидарноста, рече Битиќи.

Социјалдемократските влади, смета тој, треба да ја вратат средната класа и да ја вратат довербата во внатрешните вредности и интегритетот на работниците.

– Ова е дефинирачко прашање на нашето време. Ова е моментот на пресврт за зголемување на силата за опстоен раст. Двете влади (македонската и косовската) како социјалдемократски, треба да се посветиме во тој правец, рече Битиќи.

Од Република Северна Македонија, покрај Битиќи, на самитот учествуваат и министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за информатичко општество, Адмирим Алити и заменикот министер за финансии, Филип Николоски.

Еднодневниот самит претпладнево го отвори косовскиот премиер, Албин Курти, а покрај неколкуте министри во Владата на Косово, на конференцијата учествуваат и над дваесет домашни и странски експерти и раководители на организации и институции од областа на безбедноста, економијата, финансиите, технологијата, животната средина итн., како и претставници на дипломатскиот кор.