Битиќи- Деспотовски: Во фокусот привлекување на инвестиции со повисока додадена вредност


Привлекување на инвестиции со повисока додадена вредност ќе биде еден од четирите основни столбови на работење на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) во следните 4 години, потенцирале денес на работна средба вицепремиерот Фатмир Битиќи и в.д. директорот на Дирекцијата, Јован Деспотовски.

Како што се посочува во соопштението од средбата, ова треба да се оствари и со разгледување на измени во политиките за привлекување на инвестиции, а кои ќе се базираат на анализа што Дирекцијата ќе ја направи во следните неколку месеци.

Дополнително, зголемување на платите на работниците ангажирани во големите капацитети во ТИРЗ, како и поголем влез на домашни компании во глобалните вредносни синџири ќе се стимулира со нови програми за финансиска поддршка, што ќе се иницираат наскоро. Поттикнувањето на развој на зелена и циркуларна економија и влез на приватен капитал во развојот на инфраструктурата и инвестициите се посебен сегмент на работната програма, презентираше дел од програмата за работа, директорот на ДТИРЗ, Деспотовски.

Тема на средбата биле политиките на Владата за привлекување на нови реномирани странски и домашни компании да инвестираат во зоните, изградбата и уредувањето на самите зони, како и за унапредување на условите за воедење бизнис и подигнување на конкурентноста на компаниите.

Вицепремиерот Битиќи очекува максимален ангажман и посветеност од Деспотовски, како и активно учество во креирање на што е можно подобри услови за работа на компаниите во зоните, односно да се продолжи со уредувањето на веќе оформените зони, да се завршат сите започнати инфраструктурни проекти, но и да се работи на привлекување на високо технолошки компании кои во земјата би донеле нови технологии, знаења и вештини и ќе создаваат производи со повисока додадена вредност.

Покрај тоа, вицепремиерот посочил дека треба да се одржува интензивна комуникација и со компаниите кои веќе функционираат во рамките на ТИР зоните, а за оние компании кои ги започнаа инвестициските проекти и се во фаза на градба на производствените капацитети, максимално можно да се излезе во пресрет на нивни барања во случај да се соочат со одредени предизвици во реализацијата на инвестициите.