„Бистра вода“, првата македонска крими-драма, со кино и ТВ премиера

На 1 март 2023, среда, во 20 часот во Синеплекс ќе се одржи светската премиера на првата епизода од најновата и прва македонска крими-драма, серија инспирирана од вистински настани.Продуцент, сценарист и режисер на серијата е Јани Бојаџи.
Премиерата на првата епизода е увертира во телевизиската премиера во недела на 5-ти март на ТВ Алфа, како и на промовирањето на првите 5 епизоди на платформата Кинемое.
Се снимаше на повеќе од 50 локации во Скопје. но и низ државата. Ова е првата серија по подолго време во земјава во жанрот трилер со сериозни драмски елементи на крими-драма.
Актерската екипа ја сочинуваат над 70 актери од Македонија, меѓу кои Мони Дамевски, Јелена Жугиќ, Дејан Лилиќ, Зоран Љутков, Роберт Вељановски, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Владо Јовановски, Маја Љутков, Мето Јовановски, Јана Вељановска, Ирена Илиевска, Славица Манаскова, Рубенс Муратовски, Григор Јовановски и многу други.
Како што соопштија од „Синемон медиа фактори“, приказната во серијата е современа, исклучително актуелна, разработувајќи многу сегменти од општествениот, политичкиот и културниот живот во нашата држава последниве неколку декади, а ќе изобилува со карактери, односи и настани кои силно ја рефлектираат денешницата, блиското минато, а реферираат и на едно подалечно минато на македонскиот народ.