Бислимоски: Зголемувањето на енергетската независност е гарант за сигурна енергетска иднина


Во 2019 г. цената на електричната енергија за домаќинствата остана стабилна, а граѓаните продолжија да го користат дневниот период на евтина тарифа, поради што добиваа пониски сметки за електрична енергија во просек за 5 отсто: Марко Бислимоски

Реформите мора да продолжат, а инвестициите во енергетскиот сектор да се откочат и да бидат приоритет кај сите земји затоа што пандемијата покажа дека зголемувањето на енергетската независност и самостојност е гарантор за сигурна енергетска иднина, порача Марко Бислимоски  на 47-от состанок на Одборот на регулатори на Енергетската заедница (ECRB).

Состанокот, со кој претседаваше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Бислимоски, се одржа преку он-лајн платформа и на него учествуваа и регулаторите од Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина.

-Состојбата во енергетиката е генерално предизвикувачка. Доброто менаџирање во услови на пандемија е клучно и енергетските компании одговараат на предизвиците иако состојбата е сложена. Последиците од пандемијата ја зголемија потрошувачката на граѓаните, додека индустриски потрошувачка полека се враќа кон нормална. Дополнителен притисок е ослабнатата финансиска состојба на потрошувачите која се рефлектира во редовното подмирување на сметките за електрична енергија и парно, затоа клучно е да се заштитат ранливите потрошувачи во сите земји, рече Бислимоски.

Енергетските компании, додаде, се борат со ликвидност, во година кога хидрологијата е исклучително неповолна.

-Позитивните вести дека ќе стартува вакцинацијата дава надеж дека набрзо ќе се вратиме во нормала. Но неопходно е да се продолжи со реформите и инвестициите во енергетскиот сектор да бидат приоритет, затоа што не смее пандемијата да биде изговор, мора да се најдат пари за да се реализираат инвестициите кои се влог за безбедна енергетска иднина, потенцира Бислимоски.

Во декември 2019 година, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски беше едногласно избран за претседател на Одборот на регулатори на енергетската заедница (Energy Community Regulatory Board – ECRB).