БИРН: Лани во Србија од ковид умреле три пати повеќе луѓе од пријавените


Бројките за последните 24 часа продолжуваат да бидат високи - 54 починати и 6.786 новозаразени (Фото: Ројтерс)

Официјално бројката на починати беше 3.130, додека болниците пријавиле 10.356 смртни случаи од корона

 

Во текот на изминатата година во Србија, беа уредно пополнети потврди за смрт во кои ковид беше наведена како причина во повеќе од десет илјади случаи, додека официјално беше објавен далеку помал број – околу три илјади, дознава БИРН. Комисијата за анализа на смртни случаи е формирана со цел да се прикрие оваа разлика, а не да се објасни, се наведува во текстот објавен од БИРН. Неговата авторка Наталија Јовановиќ за телевизија Н1 изјави дека ниту еден од претставниците на здравствените власти не одговорил на прашањата зошто има разлика во податоците и додава дека има впечаток дека сѐ е направено за резултатите од работата на јавната влада да се пласираат во подобро светло отколку што е.

Јовановиќ во текстот за БИРН напиша дека кога летово беше официјално објавено дека 10.356 луѓе починале од короната во Србија, од јавноста се крие важен детаљ – дека оваа бројка е одредена врз основа на потврдите за смртта пополнети од лекарите минатата година и дека причината за смртта бил наведен вирусот корона потврден со лабораториски наоди или врз основа на клиничката слика.

Оваа бројка е три пати поголема од вкупно 3.130 смртни случаи, кои беа објавени официјално на веб-страницата covid19.rs за истиот период, и врз основа на која медиумите ги информираат граѓаните за текот на пандемијата секој ден во 15 часот.

Иако е претставено дека податоците за 10.356 смртни случаи од короната се најголем можен број врз основа на ревизијата спроведена од Комисијата за анализа на смртни случаи, ова е всушност најнискиот број утврден исклучиво врз основа на потврдите за смртта добиени од Републичкиот завод за статистика.

Ова значи дека во текот на 2020 година имаше точен број на смртни случаи, тие беа познати на ниво на болници каде што беа пополнети потврди за смрт, но некои други – смалени податоци стигнаа до јавноста. Како дојде до објавување на намалениот број смртни случаи од короната е прашање на кое Комисијата за анализа на смртни случаи не одговори.

Инаку, во последните 24 часа во Србија се регистрирано 6.786 новозаболени од тестирани 22.710 лица, што изнесува 29,8 отсто од примероците. Починале 54 души. На респиратор има 288 пациенти.