Билетите за дебито на Меси во САД чинат дури 110.000 долари

За да бидете сведок на дебито на Лионел Меси во САД, можеби е потребна плата како неговата


Билетите за неговиот очекуван прв натпревар во петок за Интер Мајами во Лига купот се продаваат за 110.000 долари, според пребарувањето на веб-страницата за препродажба на билети „Вивид ситс“ (Vivid Seats). Тоа е една од најскапите цени на билетите што некогаш биле забележани за тим од МЛС.

Цените за некои седишта пораснаа откако фудбалската суперѕвезда официјално потпиша со тимот од фудбалската Мејџор лига (МЛС) во саботата, во договор кој се наведува дека вреди помеѓу 50 и 60 милиони долари годишно.

Сепак, има многу поевтини опции достапни за натпреварот во петок. Просечната цена е 487 долари, а некои навивачи патуваат речиси 700 милји за да го видат натпреварот против мексиканскиот тим Круз Азул, изјави портпаролот на „Вивид ситс“. Билетите за минатогодишниот натпревар од Лига купот помеѓу Интер Мајами и ФК Барселона чинеа околу половина од тоа.

Цените за дебито на Меси во МЛС на 20 август против Шарлот се во просек 288 долари, според „Вивид ситс“, што се зголеми за речиси 900 отсто од почетокот на јуни кога започнаа шпекулациите дека Меси доаѓа во САД. Цените на билетите за Интер Мајами, кој моментално е последен во поредокот, исто така скокнаа за околу 700 отсто од тогаш.

Меси (36) е еден од најодликуваните спортисти досега, седум пати ја освои престижната награда „Златна топка“ и беше дел од аргентинската екипа која минатата година го освои Светскиот куп. Според повеќе извештаи, неговиот договор вклучува опција за делумна сопственост на клубот и дел од приходите од новите претплатници на услугата за стриминг MLS Season Pass на „Епл ТВ“ (Apple TV).

На настанот во неделата кога беше промовиран, Меси рече дека е „многу возбуден“ што ќе биде во Мајами.

„Доаѓам овде со истата желба да се натпреварувам, желбата да победам и да му помогнам на клубот да продолжи да расте“, рече тој на преполниот стадион.

„Меси-манијата“ се протега и надвор од теренот. Кафето „Хард Рок“ минатата недела го претстави „Сендвичот со пилешко Меси“, кој е со крцкави пржени пилешки гради во милански стил, прелиен со стопен проволоне (италијанско меко чадено сирење направено од кравјо млеко и со благ вкус, заб.). Сендвичот сега е во продажба во хотелите и рестораните. (Си-Ен-Ен)