Билатералните прашања треба да се решаваат билатерално: Извештај на Европскиот парламент за проширувањето


 

БРИСЕЛ – Нерешените билатерални прашања меѓу членките од ЕУ и земјите кои не се членки на Унијата треба да се решаваат билатерално и тие не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати за членство, се наведува во Предлог-извештајот за Стратегијата на ЕУ за проширувањето на Европскиот парламент, во кој се потенцира дека некои од државите кои се стремат да се приклучат кон блокот веќе со години имаат статус на кандидати за членство.  

„Проширувањето е една од најсилните алатки на ЕУ во надворешната политика и геополитиката и останува клучен двигател на долгорочната безбедност, мир, стабилност и просперитет во Европа“, се нагласува во извештајот.  

При денешната презентацијата на документот пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, известувачот, литванскиот европратеник Петрас Ауштевичиус изјави дека ЕУ мора да има стратегија за проширувањето, а не само еднократен план, и дека не смее да дозволи тој процес да биде држен во заложништво од која било земја членка, бидејќи се работи за обединување на Европа и зближување на Европејците. 

Според него, проширувањето е особено важно во услови на руската агресија врз Украина и обидите на Русија да предизвика поделби во Европа и да оствари влијание врз одредени европски земји, со што ги прави послаби и „зависни од Руската империја“. 

Ауштевичиус истакна дека земјите кандидати за членство на својот пат кон ЕУ минуваат низ процес на трансформација, адаптација и сеопфатни реформи и напредокот на секоја од нив треба да се оценува според индивидуални заслуги.  

Од друга страна, според литванскиот либерален европратеник, ЕУ мора да ја одржи функционалноста на пристапниот процес, па затоа мора да премине кон носење одлуки со квалификувано мнозинство и тоа мора да го направи навремено и на најтранспарентен начин. 

„Владеењето на правото, демократските реформи, слободата на медиумите и почитувањето на основните права, вклучително и правата на малцинствата, мора да останат водилки на процесот на проширување, при што независноста на судството, борбата против корупцијата и вклучувањето и поддршката на граѓанското општество се клучни предуслови за напредок на патот кон членство во ЕУ, особено во време на растечки авторитарни тенденции“, се вели во извештајот. 

Според документот, пристапувањето има и суштинско значење во поттикнувањето на регионалното помирување и стабилност, зголемување на отпорноста и заштита на земјите кандидати од штетно надворешно мешање.  

ЕП го повторува својот повик за подобрување на капацитетот на ЕУ за одлучување преку воведување на гласање со квалификувано мнозинство во областите релевантни за процесот на пристапување, се вели во документот, при што се додава дека одлучувањето со консензус треба да се користи само за почеток на процесот на преговори, како и за отворањето и затворањето на поединечните преговарачки кластери и поглавја. 

Во документот се изразува жалење што прекумерната употреба на консензусот постојано го забавува проширувањето на ЕУ и се потсетува дека член 49 од Договорот за ЕУ овозможува премин кон одлучување со квалификувано мнозинство без негови измени. 

Останатите европратеници учесници во дебата што уследи по презентацијата на Извештајот, изразија поддршка на процесот на проширување преку почитување на принципот на индивидуални заслуги на секоја од земјите кандидати и на поставените критериуми за членство. (МИА)