Бил Гејтс веќе не е еден од двајцата најбогати луѓе во Америка


Заврши ерата на коосновачот на Мајкрософт како прв или втор најбогат Американец, делумно поради трансферите на акции поврзани со неговиот развод. Ова е негово најниско рангирање на „Форбс 400“ во последните 30 години 

 

За првпат од 1991 година, коосновачот на Мајкрософт не е број 1 или број 2 на „Форбс 400“, кој годишно ги рангира најбогатите луѓе во САД. Иако богатството на Гејтс се зголеми за 23 милијарди долари во споредба со една година претходно – на околу 134 милијарди – тоа не беше доволно да ги достигне основачот на Амазон, Џеф Безос, извршниот директор на Тесла, Елон Маск или извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг, чие богатство достигна нови височини благодарение на зголемените цени на акциите на нивните компании. Гејтс е зад овие тројца, на местото број 4.
Но, берзата не е единствената причина поради која Гејтс падна од број 2 минатата година. Еден дел од нето богатството на Гејтс – акции во вредност од најмалку 5,7 милијарди американски долари – ѝ припадна на поранешната сопруга Мелинда Франс Гејтс, откако објавија дека се разведуваат во мај. Ако неговиот брак и богатство останаа непроменети, Гејтс ќе беше побогат од Закерберг, на бројот 3 оваа година.
Речиси една четвртина од богатството на Гејтс доаѓа од неговите проценети 1,3 отсто удел во Мајкрософт, вреден 31 милијарди долари на 3 септември, датум кога Форбс направи пресек на богатството за овогодинешната листа „Форбс 400“. Остатокот од богатството на Гејтс доаѓа од неговата инвестициска фирма, „Каскада инвестмент“, заедно со други средства, како што е неговиот огромен имот од 143 милиони долари во Медина, Вашингтон, наречен „Ксанаду“. Преку „Каскада“, Гејтс поседува контролен удел во хотелите „Четири сезони“, 14 отсто во застапништвото за автомобили „Аутонејшн“, акции во фирмата за управување со отпад „Републик сервисис“, во производителот на трактори, „Дир & Ко“, во Канадската национална железница и многу повеќе.
Составот на богатството на Гејтс изгледа многу поразлично од кога првпат се појави на „Форбс 400“ во 1986 година, годината кога Мајкрософт излезе на берза. Гејтс поседуваше 45 отсто од акциите на Мајкрософт во тоа време, и тој вредеше 315 милиони долари. Следната година, зголемената цена на акциите на Мајкрософт го направи најмлад милијардер во светот, вреден 1,25 милијарди долари на возраст од 31 година.
Тоа беше само почеток. Мајкрософт надмина приход од 1 милијарда американски долари за прв пат во 1990 година, станувајќи најголем добавувач на компјутерски софтвер во тоа време. Во 1991 година, Гејтс скокна на број 2 на „Форбс 400“ (од местото број 16 претходната година), со нето вредност од 4,8 милијарди долари. Следната година, во 1992 година, тој стана најбогатиот човек во Америка, вреден 6,3 милијарди долари.


Откако Гејтс се повлече од функцијата извршен директор во 2000 година, неговата нето вредност за првпат опадна – иако тој и понатаму остана број 1 на „Форбс 400“. Цената на акциите на Мајкрософт се „сопна“ поради падот на дот-ком компаниите, додека се бранеше од антимонополски обвиненија на Американската влада. Гејтс, исто така, пренесе акции на Мајкрософт во вредност од 20 милијарди долари на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, кога беше формирана во 2000 година, со што неговата нето вредност се намали уште повеќе.
Иако продолжи да дава значајни донации за неговата фондација – која сега стана најголемата приватна филантропска организација во светот – Гејтс остана најбогатата личност во Америка до 2017 година. (Долгогодишниот пријател Ворен Бафет беше побогат краток период во пролетта 2008 година, но кога списокот „Форбс 400“ беше објавен подоцна истата година, Гејтс го врати своето место.) Од 1994 до 2020 година, Бил и Мелинда Гејтс донираа 36,8 милијарди долари на Фондацијата Гејтс, повеќето од нив како подарок од акциите на Мајкрософт.
Гејтс падна на второто место во 2018 година, кога Безос го претекна за прв пат. Кон крајот на 2020 година, Маск „прелета“ покрај Гејтс, благодарение на неверојатниот скок на Тесла на берзата. Во август, Гејтс за прв пат се лизна под Закерберг, главно поради неговите трансфери на акции за Мелинда.
Но, рангирањето на милијардерите е променливо. Откако се финализираше листата „Форбс 400“ во 2021 година, невообичаено долгиот прекин на Фејсбук во понеделникот, како и контролата поврзана со менталното здравје на тинејџерите ја намалија цената на акциите на Фејсбук, со што Гејтс се врати на третото место на најбогатите луѓе во Америка. (Форбс)