Бил Гејтс испадна од листата на 10 најбогати луѓе во светот


Коосновачот на Мајкрософт и поранешен најбогат Американец, Бил Гејтс, е надвор од листата на 10 најбогати луѓе во Соединетите Американски Држави за прв пат од 1991 година, според најновата листа на Форбс.

Неговото богатство се проценува на 107 милијарди долари, што го става на 14-то место, зад бизнисменот Мајкл Блумберг и пред наследничката на Волмарт, Алис Волтон.

Падот на Гејтс на листата не се должи на деловни загуби, туку на неговиот план да го насочи речиси целото свое богатство кон Фондацијата Гејтс. Во мај, тој објави дека ќе донира 99 проценти од своите средства на фондацијата во текот на следните две децении. Само минатата година, тој издвои околу 7 милијарди долари за овие инвестиции.

Финансиите на Гејтс беа дополнително погодени од неговиот развод од Мелинда Френч Гејтс во 2021 година, кога значителен дел од неговите средства беа префрлени на неа. Според Форбс, Мелинда добила околу 29 милијарди долари во спогодбата, а таа издвоила уште 12,5 милијарди долари за свои филантропски проекти.

Фондацијата Гејтс продолжува да има амбициозни цели, од искоренување на детските болести до борба против маларијата. Со зголемувањето на донациите, богатството на Гејтс ќе продолжи да се намалува, што значи дека неговата позиција на листата на најбогати Американци ќе продолжи да се намалува.