БГНЕС тврди дека советникот на Сиљановска, Жидас Даскаловски, има бугарски пасош веќе 20 години


 

Софија полека почна да објавува кој од македонските политичари, научници или експерти има бугарско државјанство. Медиумот БГНЕС, кој главно ги објавува овие информации, денеска соопшти дека советникот за надворешна политика на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Жидас Даскаловски, добил бугарски пасош уште во 2003 година декларирајќи се дека има бугарска самосвест и бугарски корени.

Даскаловски не работи официјално во кабинетот на Сиљановска, но е нејзин советник за надворешна политика и ја придружуваше за време на меѓународните средби на почетокот од мандатот поврзани со Украина.

Жидас Даскаловски е редовен професор на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ и предава геополитика и современи политички системи. Тој е познат активист од невладиниот сектор. Основач е на Центарот за истражување и креирање политики.

БГНЕС тврди дека Даскаловски добил бугарско државјанство врз основа на бугарско потекло во 2003 година. Тој го обновил пасошот во 2022 година.

Даскаловски јавно е еден од поддржувачите на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, особено околу одредбата во преговарачката рамка во Уставот да се внесат Бугарите за да може да продолжат преговорите по поглавја.

Претходно беше откриено дека и министерката за енергетика Сања Божиновска имала бугарски пасош, но лани побарала да биде исклучена од бугарското државјанство, но Софија тоа досега не го направи. Освен неа, бугарски пасош имало целото нејзино семејство.