Безбедноста на вакцините против КОВИД-19 и развојот на бизнисите во време на криза во фокус на вториот ден од Самитот Македонија2025


Во моментов, во фармацевтската индустрија генерално има две клучни работи односно дилеми поврзани со вакцината против КОВИД-19, а тоа се безбедноста и ефикасноста, беше посочено денес на вториот ден од деветтото издание на Самитот на Македонија2025 кое се одржува во дигитална/ хибридна форма. На дискусијата „Светот во време на криза”, организирана од Келог Алумни Клубот на Македонија2025, зборуваа Борут Штрукељ – Универзитетски професор на Катедрата за фармацевтска биологија на Факултетот за фармација при Универзитетот во Љубљана, член на тимот за развивање на вакцината за КОВИД-19 и Ѓорѓе Војновиќ – Главен извршен директор на Триглав Осигурување АД Скопје.

На прашањето колкава би била безбедноста и ефикасноста на вакцината доколку се земе предвид краткото време за развој, од една година, Штрукељ рече дека тоа е основното прашање.

„Како ќе развиеме вакцина за толку кратко време, ако земеме предвид дека за тоа реално се потребни три до четири години. Беа инвестирани билиони евра за најкратката можна процедура, а тоа го олесни целокупниот процес. Секако, безбедноста е најважна. Кога станува збор за ефикасноста, новите вакцини се многу добри, но мора да се внимава на безбедноста. Новите вакцини се составени од РНК И ДНК молекули, значи само од генетски материјал. Може да се каже дека на некој начин поради тоа се поефикасни и побезбедни. Сепак, мора да сме внимателни“, истакна професорот Борут Штрукељ.
Во своето излагање тој исто така ја објасни разликата меѓу типовите на вакцини и направи споредба меѓу оние на „Модерна“, „Фајзер“, „Астра Зенека“, руската и кинеската вакцина.
„Секоја земја, секое Министерство за здравство е одговорно за вакцинацијата и ќе има можност да одбере од најмалку три различни вакцини на пазарот. Светот има повеќе опции. Но, се’ уште е тешко прецизно да се зборува за безбедноста и ефикасноста“, истакна Штрукељ.


На панелот „Исти правила – различни земји: Како да започнете и изградите успешен бизнис?“,  неколку успешни бизнисмени зборуваа за нивните искуствата во водењето на домашен и меѓународен бизнис.
Вториот ден од Самитот го заокружија Мајк Зафировски, коосновач и член на Одборот на директори на Македонија 2025 и Харди Пемхива, Извршен директор и управен директор на „Еконет глобал лимитид“, Јужна Африка со интересна дискусија на тема “Совршени животни метрики”.
Во обид да ѝ се помогне на сопствената држава, Македонија2025 изработи и платформа за поврзување на македонски компании со професионалци и експерти со македонско потекло од светот. Утре е третиот и последен ден на самитот.