„#Без филтер“: Филхармонија најави уште една возбудлива музичка сезона со врвни диригенти и солисти

Новата концертна сезона се отвора в четврток, со концертот „Класика РеСтарт“ на кој како солист ќе настапи колумбискиот виолончелист Сантјаго Канон Валенсија, со дела на Бете Илин, Едвард Елгар и Антонин Дворжак


Новата концертна сезона на Македонската филхармонија се отвора в четврток, во 20 часот со концертот насловен „Класика РеСтарт“ на кој како солист ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантјаго Канон Валенсија, а диригент е маестро Јерухам Шаровски. На програмата се дела од Бете Илин, Едвард Елгар и Антонин Дворжак.

 Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, потенцираше дека новата концертна сезона 2025-2026 е насловена „#Без филтер“ бидејќи класичната музика не подлежи на вештачки разубавувања, дека станува збор за уметност без шминка, без технолошки разубавувања, уметност во својот најавтентичен облик.

 Оркестарот на Македонската филхармонија и во сезоната 2025/2026 ќе тргне во нова звучна авантура со возбудливи солисти и диригенти кои ја испишуваат денешната историја на класичната музика и се етаблираат на светската сцена како врвни уметници. Нашата публика повторно ќе има привилегија да доживее неповторливи мигови на врвно уметничко задоволство – вели Имери.

 Директорот на Филхармонија го најави и гостувањето во „Музикеферјан“ во Виена , на 28 октомврина матичната сцена на која познатата Виенска филхармонија ги одржува своите концерти, меѓу кои и еден од најпознатите – Новогодишниот концерт кој се одржува секој 1 јануари.

 Во Виена ќе се претставиме со спој на македонската традиција и европската класика – ќе бидат изведени дела од тројца македонски композитори – Глигор Смокварски, Бете Илин, Сони Петровски како и Симфонијата број 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски. Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава чија музичка култура и традиција ќе ја претставиме на најдобар начин, како најстар и единствен симфониски оркестар во државата. Македонската филхармонија уште еднаш ќе испише историја, и ќе докаже дека културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот – истакна Имери.

Беше највена уште една возбудлива музичка сезона со имаме интересни концерти.

 -Публиката ќе има можност да ги чуе македонскиот кларинетист Васко Дуковски, нашата виолинистка Фросина Богдновска која живее и работи во Германија… Роденденскиот концерт е на 27 ноември со врвниот ерменски виолинист – Сергеј Хачатријан, а ќе настапат и виолистот Александар Земцов, виолинистите Теди Папаврами, Ава Бахари, Шкељзен Доли, харфистката Анелин Ленеартс, пијанистите Ендру фон Ојен и Алим Беисембајев, како и еден од најдобрите виолинисти во моментов – фантастичниот Нинг Фенг од Кина. Зад пултот ќе застанат нашите стари пријатели – диригентите Емил Табаков и Конрад ван Алфен, повторно ќе настапи и Бар Авни, лауреатката на „Маестра“, Најден Тодоров, Тимоти Редмонд, Олси Кинами, нашите диригенти, Сашо Татарчевски, Борјан Цанев и Бисера Чадловска. Ќе имаме возбудлива концертна програма, во која се надевам дека ќе уживаат вљубениците во класиката и нашата верна публика – рече Мустафа Имери.

Концертмајсторите Анна Кондратенко и Владимир Костов кои беа дел од уметничкиот совет кој ја креираше програмата за оваа сезона истакнаа дека при изборот на делата се водело сметка да бидат застапени дела од сите епохи.

 -Кога ја создаваме програмата важно ни беше да одбереме дела кои се важни за развојот на оркестарот, да бидат опфатени дела од т.н. железен репертоар, но и дела кои не биле изведени на нашата сцена – рече Кондратенко.

 Според Владимир Костов, освен делата од железниот симфониски репертоар, важно е да се напомене дека публиката ќе има можност да чуе и премиерни изведби на дела кои досега не биле изведени на нашата сцена.

 -Првпат ќе биде изведено вокално-инструменталното дело на Карл Џенкинс, мисата за мир „Вооружен човек“, како и моќната и грандиозна Симфонија бр.11 од Дмитри Шостакович, на програмата се и капитални дела оркестарски дела  како „Посветување на пролетта“ од Игор Стравински – потенцира Костов.

 Освен симфониските концерти, публиката ќе има можност да проследи и интересни камерни концерти, како и симфониски концерти, наменети за најмладата публика.