Бессона ноќ за битолчани, нема повредени, се бројат материјални штети

Штети има на некои постари колективни згради и куќи. А веројатно и на објекти од конзулското време кои се под заштита на Управата за културно наследство


Општинска комисија составена од градежни инженери и архитекти, стручни служби, ќе прави итна проценка на штетите

 

БИТОЛА – Непреспана ноќ имаа битолчани по синоќешниот земјотрес, шокот и паниката попуштаат, но се бројат материјалните штети.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, по седницата на Кризниот штаб објави дека нема пријавени повредени од синоќешниот земјотрес, но дека владее многу паника помеѓу граѓаните.

„Затекнавме паника, што е нормално во вакви ситуации, излезени граѓани од колективните згради. Сите го преплавија градот. Се информиравме во Итна брза помош и Пожарната немало повици за повредени, но и нема големи материјални штети“, рече Коњановски.

Досега пријавите се за материјални штети на објекти како испукани ѕидови и фасади, пукнатини по скали, паднати тавани, исклучена електрична и водоводна инсталација.

Во текот на денешниот ден на редовната седница на Општината ќе биде формирана стручна комисија за проценка на штетите од земјотресот, составена од градежни инженери и архитекти, стручни служби.

„Треба итно да се формира комисијата, која ќе биде на терен а граѓаните да ги пријават штетите во Општината во најбрз временски рок. Комисијата ќе биде составена од инженери и архитекти кои ќе прават анализи и проценки во најбрз временски рок“, додаде битолскиот градоначалник.

Коњановски рече дека нема најави за поголеми оштетувања кај државните и општинските институции, а од превентивни причини затворен е еден клон од градинката „Мајски цвет“ кај „Симпо“, ќе се утврдува штетата.

Се претпоставува дека штети има и на објекти кои се под заштита на Управата за културно наследство, но тоа ќе се утврдува дополнително, со оглед на фактот што дел од објектите каде беа сместени поранешните конзулати во конзулска Битола одамна се во лоша состојба, оставени на забот на времето.

Денеска на социјалните мрежи и самите граѓани објавуваат за штети од земјотресот. Стари објекти се урнати во делови, додека најчесто во постари колективни згради и куќи има пукнатини на ѕидовите. Штети има и во  училиштата, како и во објекти каде се сместени институции. 

Станарите од повисоките згради ноќта ја помина на отворено или засолнети во своите автомобили, а оние во индивидуални куќи беа со отворени врати. Секој се снаоѓаше како знаеше и умееше да ги помине што е можно побезбедно критичните часови. Битолчани кои во моментот на потресот беа на отворено во Градскиот парк раскажуваат дека покрај бучавата која претходела на земјотресот, рој од птици избезумено летале ниско предизвикувајќи вознемиреност кај минувачите, кои исто така го почувствувале потресот на отворено.

„Татнеше, голема бучава се створи, па стресе силно, среќа што траеше кратко. Нѐ фати паника, па врискање и трчање по скалите. Тоа е живот, само да нема катастрофи, луѓето да се на број, друго се поправа“, вели битолчанец станар на улицата „Партизанска“.

Симнати под зградите на отворено битолчани ги запалија огновите колку да се затоплат од студот сѐ додека не почна рано утрото да врне дожд.

Голема беше раздвиженоста во сообраќајот, колони со возила се движеа по улиците, но без да се прави паника. Се упатуваа надвор од градот по селата и викенд населбите со цел да ја поминат ноќта во објекти кои се ниско на земја.

Мештаните од селата покрај македонско-грчката граница раскажуваат дека во Леринско Поле по земјотресот се било темно, целиот пограничен регион останал без струја. Земјотресите продолжија и во текот на ноќта, а беа почувствувани и утрово во 7,28 и 8,01 часот во Битола. Повторно во Леринско, а вториот во Аминдео. За девет и пол часа од вчеравечер до утрово имаше 24 потреси во пограничниот појас на Македонија и Грција, дел почувствувани и во Битола.

Земјотресот кој се случи во 22 43 минути со јачина од 5,6 степени според Рихтерoвата скала е посилен од оној во септември 2004 година со јачина од 5,2 степени, но според првичните впечатоци сега има значително помалку материјални штети од тогаш.