Бесими: Ребалансот во тек, средствата ќе се насочат таму каде ќе дадат подобри резултати
Буџетираните средства не се за на хартија, тие треба да се реализираат, за да може да се поттикне економската активност, изјави вечерва министерот за финансии, Фатмир Бесими, во гостување на Телевизија Сител.
– Ќе се предвидат механизми за оние институции кои се поуспешни во реализацијата да се обезбедат повеќе средства, додека оние кои имаат послаба реализација, тие средства да се усмерат кон вистинските позиции каде има поголем учинок. Ребалансот на буџетот е во тек, а средствата од позициите со помала реализација ќе се насочат кон новиот пакет мерки, вели во интервју за вестите на Сител министерот за финансии Фатмир Бесими
Таму каде што очигледно нема да се реализираат ставките до крајот на годината, додава тој, нема зошто тие средства да останат во буџетот само за да стојат на хартија, туку тие треба да се реализираат.
-Само така буџетот ќе има ефект врз растот во наредниот период. Министрите ќе бидат изложени на тој притисок на добро планирање, успешна реализација на проекти. Соодветно на тоа ќе предвидиме механизми како тие кои се поуспешни во релизацијата да добијат повеќе средства, а тие кои имаат послаба реализација – секако дека тие средства нема да им бидат потребни. Низ процес низ годината во текот на реализација на буџетот ќе се прилагодат капиталните инвестиции, вели Бесими.
Министерот за финансии најавува дека ќе се зајакнат капацитетите за планирање во иднина, како и мерење на реализацијата со новиот реформски концепт на СМАРТ финансии. Согласно тој концепт проектите ќе се планираат подолгорочно, а исто така и преку индикатори ќе се мери реализацијата за да се добие подобра реализација особено ка капиталните проекти.