Бесија Иљази мора да врати 659.831 денари дадени како хонорари


Поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, која призна вина за злоупотреба на службената положба и овластување затоа што незаконски ангажирала 17 хонорарци во оваа јавно-здравствена установа, сега со судска одлука е задолжена да ѝ ги врати на Клиниката парите што им ги исплатила на хонорарците.

Универзитетската клиника за токсикологија ја тужеше поранешната економска директорка и бараше материјална и нематеријална штета. Основниот суд во Тетово досудил дека таа треба да ги врати само парите исплатени за хонорарите по основ на материјална штета во износ од 659.831 денари. Материјалната штета била утврдена со вештачење на вештак економист.

Бесија Иљази беше осудена со признание на вина за „злоупотреба на службена положба и овластување“ на условна осуда со заштитен надзор на казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 4 години не стори ново кривично дело. Освен условната осуда, со судската пресуда таа беше задолжена да биде на „пробациска индивидуална програма“ и план за спроведување на заштитени надзор врз неа.

Таа призна вина, дека постапувајќи спротивно на Изборниот законик, Законот за спречување корупција и Законот за здравствена заштита, во мај 2024 година склучувала договори за дело со лица за нивно работно ангажирање на Клиниката за токсикологија при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. 

Целиот скандал се случуваше во предизборен период и предизвика медиумско внимание. Медицинскиот директор на Клиниката во тоа време, доктор Данил Петровски, одбиваше да ги потпише вработувањата на кои инсистираше Иљази, бидејќи беше предизборен период.