Беса го распушти раководството, Вреди ќе стане една партија


Билал Касами (Фото: Б. Грданоски)

Собранието на политичката партија Беса го разреши раководството на партијата, што според партиското соопштение е важен чекор кон спојување на Вреди во еден субјект. Собранието на Движењето оценило дека треба да се отвори патот за структурирање на Вреди и ја донесе оваа одлука врз основа на мораториумот за партиски активности од страна на субјектите што го сочинуваат Вреди.

„Во оваа прилика, Собранието ме овласти мене како претседател да продолжам со разговорите за иднината на Вреди, давајќи поддршка на спојувањето во еден субјект, со решение што го почитува принципот на правда и го слуша гласот и волјата на гласачите на Вреди и сите Албанци. На состанокот на Собранието беше дискутирана и работата на функционерите на Движењето Беса во Владата. Членовите на собранието ја поддржаа мојата изјава дека Беса има капацитет за многу повеќе работа отколку што е сработено досега”, објави Билал Касами.

Анализата на работата на функсионерите ќе продолжи во наредните денови, додека наодите ќе бидат одразени во идната реконструкција на Владата, велат од Беса.