Берзата во црвено, МБИ 10 помал за 8,68 отсто, од денес нови ценовни ограничувања


Во текот на денешниот ден тргувањето на Берзата беше прекинато еден час. Од денес ќе се применуваат нови ценовни ограничувања кои ги донесе Одборот на директори на Берзата

 

Македонската берза и денес беше во црвено – на крајот на тргувањето берзанскиот индекс МБИ10 падна на 3.930,97 поени или за 8,68 отсто помалку во однос на петокот. Акциите на речиси сите десет компании кои го сочинуваат берзанскиот индекс беа во минус, единствено на УНИ банка заврши без промена.

Очигледно, неизвесноста поради корона вирусот е присутна и натаму кај инвеститорите, без оглед на најавата од страна на Владата дека подготвува мерки за домашните компании и олабавувањето на монетарната политика на Народната банка, која ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, што ќе овозможи поевтини кредити.

Во текот на денешниот ден тргувањето на Берзата беше прекинато еден час, откако берзанскиот индекс МБИ 10 се намали за 7,06 отсто, и достигна 4.000,93 поени.

„Имајќи го предвид падот на индексот МБИ10 од  7,06 отсто, а согласно член 58а од Правилата за тргување, Македонска берза во 10:25:45 часот го прекина тргувањето на сите пазари на Берзата во траење од 60 минути“, соопшти Берзата.

Тргувањето продолжи во 11:26 часот, но и по паузата берзанскиот индекс продолжи да се намалува се до крајот во 14:30 часот.

За берзанските познавачи делува по малку парадоксално што најголем пад имаа акциите на „Алкалоид“, со оглед на зголемената побарувачка за фармацевтски производи, како и резултатите што ги објави компанијата. Со овие акции беше остварен промет од 8,8 милиони денари. Вредноста на акциите на ТТК банка се намали за 9,97 отсто, на Стопанска банка Битола за 9,92 отсто, на НЛБ банка за 9,88 отсто, а на „Макпетрол“ за 9,83 отсто. На денешниот берзански ден, најголем промет имаше со акциите на Комерцијална банка од 18,6 милиони денари, кои денот го завршија со 9,61 отсто помала вредност.

Времениот прекин на тргувањето е во согласност со правилата за тргување на Берзата. Со нив се предвидени и таканаречени автоматски стабилизатори на ценовните движења во форма на т.н. статички и динамички дневни лимити при промената на цената на определени хартии од вредност.

Според овие правила, меѓу другото, се предвидува дека ако вредноста на индексот МБИ 10 падне или порасне за повеќе од 70 отсто од максималната можна дневна промена на индексот во однос на неговата вредност на крајот од претходниот ден, Берзата ќе го прекине тргувањето 60 минути (ако промената се случи до 11:45 часот) или 30 минути после тоа.

Од денес, меѓутоа, ќе се применуваат нови ограничувања кои ги донесе денес Одборот на директори на берзата, според кои за хартиите од вредност кои се во режим на континуирано тргување статичките лимити изнесуваат +/-5 отсто од официјалната просечна цена за хартијата од вредност на претходниот ден на тргување, а динамичките лимити изнесуваат +/-1,5 отсто од моменталната референтна цена за хартијата од вредност. За хартиите од вредност кои се во режим на аукциско тргување и имаат статички лимити, истите изнесуваат +/-10 отсто од официјалната просечна цена за хартијата од вредност на претходниот ден на тргување, а динамичките лимити изнесуваат +/-1,5 отсто од моменталната референтна цена за хартијата од вредност. За хартиите од вредност кои се во режим на аукциско тргување и немаат статички лимити, истите продолжуваат да се тргуваат без статички лимити, а динамичките лимити изнесуваат +/-1,5 отсто од моменталната референтна цена за хартијата од вредност.

Во изминатите неколку денови ова е втор голем пад на берзанскиот индекс. Минатиот четврток МБИ 10 доживеа пад од 9,38 отсто, што беше втор најголем пад во историјата на овој берзански показател. Поголем од овој пад се случи во екот на финансиската криза, на 16.10.2009 година кога за еден ден изгуби 9,77 отсто од вредноста.  Во четвртокот во црвено беа сите десет акции кои го сочинуваат МБИ 10. Тогаш најмногу загубија акциите на „Макпетрол“ и на „Пекабеско“ по 10 отсто од вредноста, на „Алкалоид“ 9,98 отсто, на Стопанска банка Битола за 9,66 отсто, на „Гранит“ за 9,33 отсто, и тн.

Од Македонската берза коментираа дека негативниот ценовен тренд последните неколку дена на пазарот е примарно резултат на влијанието на актуелните меѓународни случувања поврзани со корона вирусот и високата меѓузависност на финансиските пазари во светот.

„Инвеститорите на нашиот пазар очигледно ги следат овие трендови и носат соодветни одлуки според сопствените проценки, при што во вакви услови преовладуваат психолошките фактори“, соопштија од Берзата. Прогласување на пандемија на корона вирусот од страна на Светската здравствена организација беше дополнителен фактор, што го покажа и движењето на другите берзи.

За берзанските познавачи ваквиот развој на настаните не е изненадување.  Коста Костадиновски, Главен извршен директор на „Илирика фунд менаџмент“ вели дека случувањата на берзите се очекувани, имајќи ги во предвид настаните што се случуваат секојдневно и кои имаат сериозни импликации врз однесувањето на инвеститорите.

„Мислам дека во овие реакции се вградени и очекувањата за сосема извесна рецесија во светот“, вели Костадиновски. Според него и кај нас во однесувањето на инвеститорите е се вградени идните очекувања, кои не се розови имајќи ги предвид секојдневните рестрикции за движењето на луѓето и на меѓународната трговија, што ќе влијае и врз деловните резултати на компаниите. Доколку се најде лек за вирусот, тогаш сосема извесно е дека берзите брзо ќе се повратат на старите позиции. Но, додека трае неизвесноста, тогаш тоа ќе се префрла и на пазарите на капитал, вели тој.

На прашањето дали сепак, берзанските трендови се поцрни од деловните показатели на македонските компании, Костадиновски вели дека е рано да се зборува за тоа, бидејќи компаниите до сега ги имаат соопштено резултатите од нивното работење заклучно со 31 декември 2019 година.

„Какви ќе бидат деловните резултати по 31 декември и колку сегашните случувања се одразиле на нивното работење, ќе дознаеме од билансите што ќе бидат објавени во мај“, вели тој, додавајќи дека берзите, по правило, ги антиципираат настаните и очекувањата за неколку месеци однапред.

„Мислам дека владите и централните банки сепак, ќе најдат начин да ја контролираат ситуацијата Тие имаат инструменти за такво нешто, било преку мерките на монетарната, било на фискалната политика или комбинирано“, вели Костадиновски.

(М.Ј.)