Берлускони на „бунга бунга“ забавите ги користел жените како сексуални робинки, тврди обвинителката


Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони (85) користел жени како сексуални робинки на злогласните забави „бунга бунга“ кои ги организирал во неговата вила за време на неговиот мандат како премиер, беше соопштено денеска во судот.

– Тогашниот премиер ги зачинувал своите вечерни забави со доведување платени сексуални робинки во куќата. Берлускони е многу богат и моќен човек. Молчењето на сведоците го плати со пари, куќи, автомобили и коњи, рече обвинителката Тицијана Сицилијано во завршниот збор на судењето кое започна во 2013 година, во кое Берлускони е обвинет за давање мито и плаќање на сведоците за да молчат.

Таа додаде дека „тоа што се случувало на забавите е неверојатно“.

– Ужасното насилство што нашето доба го гледа со одвратност, на штета на многу млади девојки, некои дури и малолетни, без алатки за да се заштитат од предатори од секаков вид, рече таа.

На поранешниот италијански премиер веќе осум години му се суди со чести прекини поради лошата здравствена состојба и ненадејната смрт на еден од клучните сведоци, манекенката Иман Фадил.

Берлускони првично беше прогласен за виновен во 2013 година затоа што платил за секс со Карим Ел-Махруг, мароканска танчерка, позната како Руби, која во тоа време имала 17 години. Следната година, пресудата на Берлускони беше поништена по жалба, при што неговите адвокати тврдеа дека нема докази дека тој знаел колку години имала таа.

Берлускони отсекогаш ги нарекувал забавите „невина и елегантна работа“, но сведоците зборуваа за диви оргии со гости кои се облекувале како калуѓерки и изведувале еротски танци за поранешниот италијански премиер и неговите пријатели.

Терминот „бунга бунга“ влезе во популарната култура пред десет години кога започнаа истрагите за забавите на Берлускони, а сведоците опишаа како италијанскиот премиер ја научил оваа фраза од поранешниот пријател и либиски диктатор Моамер Гадафи.