Бенон се изјасни за невин и излезе на слобода со кауција од 5 милиони долари
САД – За време на првото рочиште пред судија во Менхетен, поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон, се изјасни за невин и беше ослободен со кауција, во која се вклучени обврзници од пет милиони долари, што ќе бидат обезбедени во износ од 1, 75 милиони долари во готовина или недвижен имот.
Во рамки на условното ослободување на Бенон му е забрането да патува со приватни авиони, јахти или бродови без судско одобрение, пренесува Си-Ен-Ен.
На рочиштето, што беше спроведено преку видео-врска, Бенон носеше заштитна маска, што ја симна од лицето кога го напушти судот за да им отпоздрави на своите приврзаници и групата новинари.
-Сето ова е за да се запрат луѓето кои сакаат ѕидот да се изгради, рече Бенон.
Бенон и три други лица вчераутро беа уапсени за наводна проневера на пари во кампањата за прибирање финансиски средства за изградба на ѕид на границата меѓу САД и Мексико.
Во соопштението од Министерството за правда се вели дека е покренато обвинение против Бенон и тројца други осомничени за нивната улога во измами на стотици илјади донатори во врска со кампањата „Ние го градиме ѕидот“, вредна 25 милиони американски долари.
Според обвинението, Бенон ветил дека 100 отсто од донациите ќе бидат искористени за проектот за изградба на ѕидот, но обвинетите заедно користеле стотици илјади долари на начин што не бил во согласност со она што организацијата им го претстави на донаторите.