Белопета: Четири дена врвен современ џез, ја продолжуваме традицијата и високиот углед
Скопје ќе пулсира четири дена со врвен современ џез, уникатни соработки, редок визуелен стил и публикa од целиот свет на 44. Скопски џез фестивал на повеќе локации

Еден од најдобрите полски пијанисти, Анджеј Јагоѓински во четврток, на 16 октомври, во Националната опера и балет ќе го отвори годинашниот 44. Скопски џез фестивал (СЏФ). Јагоѓински првпат доаѓа во Скопје и во оваа прилика ќе настапи во формација трио, а ќе ги свири Бах и Шопен.
Како што најави денеска програмскиот дитректор на СЏФ, Оливер Белопета, првата вечер по Јагоѓински ќе свири и нашиот Национален џез оркестар со двајцата гости: австрискиот диригент и аранжер Зиги Фајгл и американскиот тромбонист Луис Бониља.

Втората вечер, во петок, на 17 октомври, се американскиот гитарист Марк Рибо и еден од најпрогресивните артисти на реномираната импровизаторска сцена на Чикаго, Кахил Ел Забар, а саботата, 18 октомври, е резервирана за скандинавските уметници. Први настапуваат „After the wildfire quartet“ – Арве Хенриксен и Јан Банг со гитаристот Ејвинд Арсет и перкусионистот Ингар Зак, а потоа Горан Кајфеш со квартетот Tropiques кој на публиката ќе и понуди „хипно-џез“ уживање. Квартетот покрај Кајфеш, го сочинуваат и исклучителните шведски музичари Александар Зетсон, Јохан Берлинг и Јохан Холмегард.
СЏФ завршува на 19 октомври, в недела, со настап на најкреативниот и најдобар жив американски џез музичар, трубачот и композитор Вадада Лео Смит и пијанистката Силви Курвоазје, по кои ќе свири и квартетот на тенор саксофонистот Џејмс Брендон Луис.
Програмата на 44. Скопски џез фестивал предвидува и две ексклузивни европски филмски премиери во киното Фросина. Прикажани ќе бидат документарците „We want the funk!“ и „SUN RA: Do the impossible“. Првиот филм, на 15 октомври, е синкопирана одисеја полна со ѕвезди и фанк патешествие кое ги следи и препознава африканските и госпел корените, од Џејмс Браун до Parliament-Funkadelic, а вториот, на 18 октомври, е за Сан Ра, поет, египтолог, космолог, историчар, активист, бенд лидер, музичар и џез пионер.
Американска доминација на Скопски џез фестивал 2025, ова е програмата
-И годинава фестивалот го продолжува концептот, свртен е кон современиот џез, кон актуелноста, со оглед дека сите учесници кои доаѓаат, годинава или претходната имаат нови остварувања кои оставиле силен белег на сцената. Изборот не е случаен, а во концептот спаѓа и ексклузивноста. Нашата основна цел е СЏФ да ја задржи репутацијата во Европа и во светот, да го задржи култниот статус и да ја продолжи успешната приказна, рече денес на пресот, првиот човек Оливер Белопета.

Во однос на поддршката, годинашното издание на Скопски џез фестивал (втора година по ред) е поддржано од Министерството за култура, без чии пари не би можеле да го одржиме, рече Белопета. За прв пат годинава, нема поддршка од американската амбасада (по наредба на Трамп), иако поголемиот дел од програмата е промоција на американската музика. Втора година, исто така нема никаков одговор ниту од Град Скопје, а соработката со МКЦ е сведена на минимум, заради немање услови. Во кино „Фросина“ ќе се промовираат само документарците. Поддршката од спонзорите останува, како и симболичната поддршка од канцеларијата на ЕУ, австриската и полската амбасада, рече денес Белопета.
Постерот за 44. Скопски џез фестивал го дизајнираше Ѓорѓе Јовановиќ. (Л.С.)