„Белиот“ – новиот филм на Игор Иванов-Изи доби најмногу пари од Агенцијата за филм


Филмот „Белиот“ на Игор Иванов-Изи, доби 44 милиони денари или над 715.400 евра од Агенцијата за филм на Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм за 2022 во втор рок на одлучување, објави Агенцијата. Иванов, актуелен претседател на Друштвото на филмските работници (ДФРМ), за својот четврти долгометражен игран филм доби дупло повеќе пари од новиот проект на Милчо Манчевски „Биста“, поддржан со 28 милиони денари или над 455.200 евра, а во продукција на „Банана филм“. Филмот на Иванов е по негово и сценарио на Билјана Црвенковска, а во продукција на „Лист продукција“.

Последниот филм на Иванов „Хомо“ имаше светска премиера во јануари 2021 на фестивалот во Гоа, Индија. 
 

Со по 24 милиони денари или над 390.200 евра поддржани се и „Скејтбордингот не е за девојчиња“, втор филм на Дина Дума по нејзино и сценарио на Лидија Мојсовска, во продукција на „Сестри и брат Митевски“, за „Генералот и пеперутката“, четвртиот филм на на Антонио Митриќески, по сценарио на Венко Андоновски и во продукција на „Авард филм и видео“, како и „Ајал“ на Арбен Тачи во продукција на „Арбфилм“.

Со 22 милони денари или над 357,700 евра поддржан е дебитантскиот филм на Алекс Цветков „Голиот остров“ во продукција на „Кавал филм“.

Поддржани се и 4 долгометражни играни проекти со македонски малцински удел, два документарци и три документарни дебија, вкупно 9 кратки играни и еден анимиран филм.