Белград под „опсада“ – трактори, вреќи со камења, парламентот затворен
Големо исчекување во Србија, а и во регионот, како ќе помине и како ќе заврши големиот протест на студентите закажан за в сабота

Голем број студенти од сите краишта на Србија со денови пешачат кон Белград, а ним им се придружуваат и мештаните од населбите низ кои минуваат. Сите доаѓаат со една цел – на голем иот протест во Белград на 15 март.
Екипата на „Нова“, која во петокот наутро го посети Пионерскиот парк пред собранието, виде дека таму сега има многу повеќе возила отколку порано и дека повеќето од нив немаат регистарски таблички или ги сокриле. Како што можеше да се види во петокот наутро, кордон трактори свиреше додека возачите одеа на работа низ центарот на Белград.
Стотици трактори од цела Србија се донесени и паркирани во погоните на ИМТ и другите фабрики на периферијата на Белград, а наводно постојат две сценарија за нивна употреба. Тракторите, најавуваат земјоделците, „ќе направат пустош во градот ако им дозволиме“. Според експертите, овие возила служат само за зголемување на притисокот, поттикнување страв од радикализација на протестите и остри судири во сабота на 15 март, а со тоа и намалување на бројот на луѓето на улиците тој ден.
Ден пред протестот, тракторите беа донесени на видно место – директно спроти Собранието на Србија, веднаш до кампот на „студентите што сакаат да учат“. „Нова.рс“ контактираше компании и поединци кои наводно добиле покана да ги испратат своите трактори. Случајно или не, многу од компаниите на таа листа беа посетени од претседателот Александар Вучиќ за време на една од неговите турнеи низ Србија.
Повеќето од нив сега избегнуваат да зборуваат дали добиле барање за испраќање трактори во Белград, иако некои потврдуваат дека се подготвени да го сторат тоа. Н1 известува дека тракторите го отежнуваат движењето на пешаците. Луѓето се принудени да одат по калта бидејќи тротоарот е заземен од трактори.
Во посета на „Студентите кои сакаат да учат“ во четвртокот беше Александар Вучиќ. Тој, наводно, побарал од нив да се повлечат од паркот пред митингот во сабота, но „студентите 2.0“ рекле дека им треба повеќе време за да ја донесат таа одлука.
Вреќи полни со камења и тули
Големиот протест на студентите и граѓаните најавен во сабота во Белград може да прерасне во големо насилство, иако не е јасно кој би можел да биде иницијаторот. Имено, на белградските улици почнаа да се појавуваат вреќи полни со камења или поединечни мали купишта камења оставени на местата каде што ќе се движат демонстрантите.
Вреќи полни со камени плочи биле оставени на улицата „Светозар Марковиќ“, во близина на Третата гимназија и основното училиште „Владислав Рибникар“, јавува Н1. Третата гимназија планира да биде домаќин на средношколците кои пеш одат кон Белград на голем протест.
Дополнително, организацијата „Еко гарда“ претходно на социјалните мрежи сподели видео на кое се гледа како непознати лица растовараат тули од багажникот на автомобил во гаражата во Пионерскиот парк.
Српскиот парламент затворен од безбедносни причини
Српскиот парламент соопшти дека од безбедносни причини неговите простории ќе бидат затворени од денеска до понеделник со цел да направат сѐ што е во нивна моќ најавениот митинг во сабота да помине без инциденти.
„Почитувани пратеници и вработени во Народното собрание, ве известуваме дека, врз основа на безбедносната проценка на Министерството за внатрешни работи, а со цел да се избегне каков било, макар и минимален простор за предизвикување потенцијални провокации и конфликти, генералниот секретар на Народното собрание одлучи зградите на Народното собрание, имено Домот на Народното собрание, плоштадот „Никола Пашиќ“ да бидат затворени од петок, 14 март до 16 март 2025 година на полноќ“, се вели во одлуката.
За утре во Белград е најавен најголемиот протест досега, по неколкумесечните блокади и граѓанска непослушност. Српскиот претседател Александар Вучиќ со денови предупредува на мрачно сценарио и немири, додека пак студентите ветуваат дека нема да предизвикаат инциденти.
Хрватска: Одложете го патувањето во Србија, избегнувајте да бидете во близина на протести
Дел од државите во регионот, а и Американската амбасада во Белград, испратија соопштенија со предупредување, да не се патува во Србија утре или да се биде што подалеку од протестот.
Американската амбасада во Белград издаде безбедносно предупредување во врска со утрешниот протест
Поради дојава за бомби во возовите запрен железничкиот сообраќај во Србија